КИЛАВИЦА
(Herniaria glabra, fam. Caryophyllaceae)

Оваа билка, како и другите билки со кои се комбинира за третирање на различни здравствени состојби, можете да ги побарате во некоја од билните аптеки.

Килавицата расте по суви и песочни места, понекогаш ги обраснува камењата бидејќи нема исправени стебленца. Килавицата е мало неугледно, разгрането, зелјесто растение, со гранки речеси полегнати по земјата, долги до 20 сm.

Листовите се многу ситни, јајцевидни, долгнавести, голи (Herniaria glabra) или влакнести (Herniaria hirsuta), по рабовите се цели и без лисна дршка. Цветовите се ситни, едвај забележливи, жолтозелени и избиваат од пазувите на листовите.

Растението се сече со ножици или со нож, потоа се суши на места со провев или на сенка. Свежата билка нема мирис, а сушената мириса слабо на кумарин. Вкусот е горчлив и помалку лут и солен.

Ситницата се бере во лето, за време на цветањето. Како активен дел од растението се користи целиот надземен дел (Herniariae herba).

Главните компоненти во неговиот состав се тритерпенските сапонозиди, потоа содржи кумарин и негови деривати (умбелиферон и херниарин – метилумбелиферон), флавоноидни хетерозиди (кверцитозид и рутозид) и етерични масла.

Се употребува како диуретик поединечно, или се додава во диуретични чаеви, најчесто и заедно со листови од мечкино грозје како мешавина којашто поволно дејствува при воспаленија на уринарните патишта, појава на камен и на песок во бубрезите, воспалителни процеси на мочниот меур, циститис и слично.

Релаксирачкото дејство на ситницата врз мускулите на мочниот меур се должи на присуството на метилумбелиферонот во нејзиниот состав.

Освен со мечкино грозје, може да се комбинира и со други диуретични билки, како на пример со листови од бреза, корен од зајчев трн, сушени лисја од магдонос и листови од нане. Оваа мешавина е една од најпознатите диуретични чаеви и се препорачува да се пие во случаи кога е потребно да се зголеми диурезата, односно количеството на излачена урина во текот на денот. Свежо подготвениот чај од овие билки се пие во текот на целиот ден наместо вода.

При воспаление на уринарните патишта, се подготвува мешавина од килавица, лист од бреза и ленено семе и се пие на ист начин како претходната.

Четири супени лажици од мешавина која содржи еднакви делови килавица, лист од мечкино грозје и лист од бреза се попарува со 1 литар свежо зовриена вода, се остава да отстои во покриен сад 30 минути и се пие за подобрување на симптомите на циститис. Со редовна употреба на чајот подготвен од овие лековити билки, значително се олеснуваат симптомите на споменатото воспаление.