Со вас сакам да споделем еден рецепт од тетратката на баба ми. Едноставен колач кој се прави со состојки кои најчесто ги имаме во кујна. Со сигурност ќе ви се допадне, затоа не пропуштајте без да го пробате овој рецепт. Потребно е многу малку време за да го подготвите, а уште помалку за да го изедете.
Колачот е повкусен и од куглоф, а се подготвува од една смеса. Со домашните го нарекуваме „златен колач“ бидејќи навистина не постои посочен колач од овој. Доколку немате калап за куглоф, а многу го сакате овој тип на колачи, тогаш ова е вистинскиот рецепт за вас. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, прстофат сол, 200 г шеќер (1 чаша), 100 мл масло (1/2 чаша), 200 мл кефир (1 чаша), 300 г брашно (1 1/2 чаша), 10 г прашок за печиво (1 кесичка). И уште: 1 лажица какао, 1,5 лажица млеко. Колачот се пече во кружен плех со пречник од 26 см или слични димензии.
ПОСТАПКА: Јајцата оставете ги да отстојат на собна температура, па скршете ги во еден подлабок сад. Малку посолете, па додајте 1 шолја шеќер. Измиксајте ги состојките, додека јајцата да станат пенасти и да побелат, а шеќерот да се растопи.
Миксирајте со постепено зголемување на брзината на миксерот и само во една насока. Кога смесата ќе почне да побелува и ќе го зголеми својот волумен, тогаш може да продолжите да ги додавате останатите состојки. Додајте половина чаша масло или иста количина растопен путер.
Измиксајте ги состојките уште малку, па почнете постепено да го сипате кефирот кој треба да биде млак. Соединете ја смесата додека да стане мазна и еднолична, со течна конзистентност. На крајот во смесата просејте 300 г брашно, помешано со 1 кесичка прашок за печиво.
Брашното додавајте го на неколку наврати додека постојано ја миксирате смесата со лесна брзина. Наместо со миксер, може да ја соединувате и со шпатула или лажица. Важно е брашното и прашокот за печиво да ги измешате добро, за да не останат поголеми грутчиња во колачот. Смесата најдобро се соединува доколку сите состојки се на собна температура.
Во еден помал сад ставете 1 лажица какао и додајте 1,5 лажица топло млеко. Лесно измешајте. Белата смеса која првично ја подготвивте поделете ја на два еднакви дела. Во едниот дел додајте ја мешавината од какао и млеко и нежно соединете додека да се изедначат сите состојки.
Подгответе си еден кружен плех со флексибилен обрач. Намастете и набрашнете го добро садот, па започнете да излевате прво од едната, па од другата смеса, сѐ додека да ги потрошите двете смеси. За да го постигнете мраморниот ефект и обликот на куглоф, излевајте ја смесата на следниов начин:
Замислете го калапот како да е поделен на 6 дела и сипајте една лажица бела смеса, па лажица од темната смеса и така додека да го исполните калапот. Потоа врз белата смеса сипајте лажица од темната, а на темната смеса ставете лажица од белата смеса. Кога ќе ја потрошите целата смеса со чепкалка направете едноставна декорација.
Вака подготвениот колач ставете го на печење во претходно загреана рерна на 180 степени, 35-40 минути, со повремено проверување. Колачот при печење многу ќе нарасне, а после печењето може да го премачкате со тенок слој џем или мед. Деталите погледнете ги ОВДЕ.