Ако не сте го пробале овој колач досега, тогаш топло ви го препорачувам. Многу брзо и едноставно се приготвува, со состојки кои секогаш ги имате во кујна. Овојпат го приготвив со јагоди, но може и со малини, вишни, цреши, боровинки, капини или кое овошје сакате вие по желба.

Вистинки летен колач во кој ќе се слади целото семејство. Може да го приготвите и додека пиете кафе со пријателите, ова е еден од најдобрите рецепти за десерти. Еве кои состојки ви се потребни:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за тесто-кора со димензии 20х25 см): 300 г брашно, 250 г несолен путер омекнат на собна температура, 80 г шеќер, 2 жолчки, 1 лажичка ситно рендана кора од лимон или портокал, 1 лажичка ванилин шеќер. За снег: 4 белки и 250 г шеќер. И уште: 300 г јагоди или овошје по ваш избор




ПОСТАПКА: Оставете го путерот да омекне на собна температура, а потоа со лажица или шпатула малку промешајте го. Додајте го шеќерот, ванилата и ренданата кора од лимон, па добро соединете го со путерот додека да добиете хомогена смеса.




Ако ви е полесно користете миксер за матење, но сосем лесно може да се измеша и со шпатула. Кога путерот убаво ќе се изедначи, додајте две жолчки, па повторно промешајте додека да се инкорпорираат во смесата.




Кога добро ќе се измешаат треба да добиете кремаста смеса. Започнете постепено да го додавате брашното. На почетокот мешајте со шпатулата, а потоа продолжете со рака, додека да добиете хомогено тесто кое многу лесно се обликува.




Истресете го врз хартија за печење и со помош на прстите обликувајте кора со димензии 20х25 см. Ставете во плех да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, 20 минути. Додека се пече кората изматете ги белките.




Четири белки пенасто изматете ги со миксер со постепено додавање на шеќерот. Матете доволно долго додека шеќерот да се растопи и да добиете навистина густ и мазен снег кој не паѓа од лажицата.

Печената кора извадете ја, па врз неа рамномерно распоредете го снегот од белки и направете рељефни шари со задниот дел лажицата.




Одозгора набоцкајте ги јагодите на растојание од 3 см, па вратете го колач во топлата рерна да се допече уште 20 минути на 180 степени. Печениот колач оставете го топлата рерна 7-10 минути, па извадете го целосно да се излади. Сечете го и послужете го. Колачот треба да добие кремаста нијанса со крцкава површина, а да биде меко во внатрешноста.