Рецепт и видео прилог на Том Филос – Палачинки меки како душа
“Според мое мислење ова е најдобриот рецепт за палачинки! Од сите рецепти што досега сум ги пробал, овој најмногу ми се допаѓа и затоа сакам да го споделам со вас” – вели најдобриот готвач Том Филос за читателите на НМД.мк
Потребни состојки: 200 г брашно, 2 јајца, 300 мл млеко, 1 лажичка шеќер, 1 лажичка сол, 1 лажичка јаболков оцет, малку вода и 50 мл масло за јадење
Постапка: Во длабок сад ставете 200 г просеано брашно, две јајца, а 300 мл млеко постепено додавајте со постојано мешање со маталката (или со миксер, како ви е полесно). Како што во секое тесто се става малку шеќер и сол, така и во тестото од палачинки ставете по една мала лажичка сол и шеќер.
Кога убаво ќе ја изматите смесата да нема грутчиња, додадете и една лажичка јаболкова киселина. Додадете малку вода, само онолку колку што е потребно за да ја погодите густината на смесата, а тоа е – малку погусто од јогурт. На крај додадете и 50 мл масло за јадење.
За да бидат убави палачинките потребно е добро да се измати смесата и да се остави половина час да одмори тестото на собна температура. За тоа време ќе се поврзат состојките и сосем малку ќе згусне тестото. После половина час добро промешајте ја смесата за да се изедначи.
Тавата за палачинки добро загрејте ја и премачкајте ја со малку масло, а потоа излејте со кутлача од тестото и рамнемерно распоредете. Печете неколку минути и кога палачинката ќе почне да се одвојува од ѕидовите, превртете ја и печете ја уште многу кратко од другата страна.
Испечените палачинки вадете ги една врз друга, па пред секое ново истурање, тестото промешувајте го. Деталите од постапката може да ги погледнете во видеото: