Фото и рецепт: Гордана Јакшиќ – Брзи Гонзалес

Ако сте по брзите и едноставни рецепти за многу вкусни колачи, тогаш ова е вистинскиот рецепт за вас. Ова е најбрзиот Гонзалес во цело Мексико. Брзо се приготвува, а уште побрзо се јаде. Малку состојки се потребни, едноставен и лесен начин на подготовка. Се матат цели јајца, се мери со лажици и чаши. Долго останува свеж, под услов да преживее…

Потребни состојки:

4 јајца
16 лажици шеќер + 1 ванилин шеќер
1 чаша од 200 мл млако млеко или јогурт
1 чаша од 200 мл масло
16 лажици брашно + 1 прашок за печиво

за прелив:

½ путер/маргарин (125 г)
20 лажици шеќер + 1 ванилин шеќер
20 лажици вода
200 г чоколадо за готвење

Постапка:

Прво намастете и набрашнете плех со димензии околу 40х20 см, а рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени.

Со миксер одбро изматете ги јајцата, додадете го шеќерот и ванилин шеќерот, изматете, потоа маслото, па наизменично по малку млеко и по малку брашно помешано со прашок за печиво. Ќе добиете средно густа смеса. Излејте ја во плехот. Печете вкупно половина час, прво на 200 степени, па кога ќе добие убава боичка, намалете на 150 или 100.

За прелив: Штом го ставите плехот во рерна, во помало тенџере ставете ги сите состојки за преливот, оставете да зоврие, па намалете ја температурата и варете само 5-6 минути, не смее да се згусне премногу. Чувајте го на топло сирупот додека да се испече кората.

Печеното тесто во плехот веднаш исечете го на коцки и веднаш додека е врел прелијте го со сирупот, а притоа со ножот помагајте да навлезе насекаде каде што е сечено. По желба може да наросите одозгора кокос или ореви.

Кога колачот ќе излади уште еднаш со ножот поминете насекаде каде веќе сте го исекле колачот, за да можат коцките убаво да се одвојат една од друга. Ако сакате, колачите можете да ги сервирате со шлаг.

Ќе добиете меки и сочни коцки кои насекаде се обложени со чоколаден прелив, а внатре се жолти. Кога ќе ги вадите од плехот со лопатка поминете под секоја коцка, зошто можно е поради преливот да бидат залепени за дното. Ако ставите кокос одозгора, вкусот ќе потсетува на чупавците.

Фото и рецепт: Гордана Јакшиќ