Го барам овој рецепт година дена…Ова е, луѓе мои, колач да се распаметиш, моите ми бараат пак да им го направам што поскоро…Рецепт и видео прилог на „Слатките на Наташа” – Еурокрем коцки.

„Немам зборови со кои би можела да опишам колку ни се допадна овој колач, еурокрем коцки. Едвај дочекав да го споделам со драгите луѓе околу себе, за да можат и тие да уживаат.

Во прва пригода ќе го направам повторно, бидејќи се радуваме на оваа неодоливо кремаста и вкусна слатка.

Потребни состојки: 

3 јајца,
3 лажици шеќер,
3 лажици млеко,
1 лажица масло,
3 лажици брашно,
1 лажичка прашок за печиво,
3 лажици чоколадо во прав,
3 лажици печени мелени лешници и
150 мл чоколадно млеко за прелевање на бисквитот

За крем: 

1 литар млеко,
100 г шеќер,
3 кесички пудинг од ванила,
300 мл слатка павлака,
5 лажици светол (бел) еурокрем,
5 лажици темен (чоколаден) еурокрем и
200 мл слатка павлака – шлаг за декорација

Постапка: 

За крем: во еден сад ставете го прашакот од 3 пудинзи со вкус на ванила, 100 г шеќер и малку млеко одземено од 1 литар. Убаво промешајте.

Остатокот од млекото ставете го на оган, а кога ќе зоврие тргнете го настрана. Додајте го изматениот пудинг, па вратете повторно на рингла и сварете го со постојано мешање додека да згусне.

Пудингот префрлете го во друг сад, покријте го со проѕирна фолија и оставете го да се олади.

За биксвит: во еден сад ставете 3 лажици брашно и една лажичка прашок за печиво, па промешајте. Во друг сад ставете 3 јајца и 3 лажици шеќер. Миксајте ги додека да станат пенливи.

Додајте 1 лажица масло и 3 лажици млеко. Кратко соединете со помала брзина на миксерот. Додајте го приготвеното брашно, 3 лажици чоколадо во прав и 3 лажици печени мелени лешници. Состојките соединете ги со помала брзина на миксерот.

Плехот (20 х 35 см) добро намастете го и набрашнете го, па излејте ја приготвената смеса и израмнете.

Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 25 минути. Врелиот бисквит прелијте го со 150 мл ладно чоколадно млеко, па оставете го да се олади.

Изладениот пудинг измиксајте го, па половина од смесата одвојте ја во посебен сад и ставете 5 лажици чоколаден еурокрем и соединете го со миксер. Во вториот дел додадете 5 лажици бел еурокрем, па состојките исто така, соединете ги.

Во посебен сад изматете 300 мл слатка павлака и измиксајте ја додека да стане цврст шлаг, но не премногу.

Поделете го шлагот, па половина соединете со светлиот крем, а половина со темниот крем. Светлиот крем рамномерно распоредете го врз оладениот бисквит и израмнете.

Врз него распоредете го темниот крем. Одозгора нанесете 200 мл слатка павлака изматена како шлаг. Колачот оставете го во фрижидер да се излади и стегне, најдобро преку ноќ. Деталите можете да ги погледнете во видеото: