Урнебес салатата можете да ја сервирате со кое сака јадење и нема да погрешите. Овој пикантен прилог обично се послужува со месо на скара или некое печење, а секако совршено одговара за мезење, заедно со топла погача или кифлички меки како душа.




Во оригиналниот рецепт мора да се стави и кајмак, иако во поново време многумина го заменуваат со крем сирење или павлака. Може да се стават и ситно сечкани, речени сомелени пиперки, претходно печени и ислупени.




Ова пикантно предјадење може да се сервира на различни начини, но на трпезата најубаво изгледа доколку формирате топчиња поставени врз листови зелена салата и ја декорирате со свеж магдонос или мелени ореви. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (рецепт 1): 500 г ситно сирење, 3 лажички алева црвена зачинска пиперка, 1 лажичка лут буковец, 3 чешниња лук, 2 лажици кајмак, 1 лажица масло, сол по вкус

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (рецепт 2): 500 г фета сирење, 3 чешниња лук, 4-5 лажички лут буковец (може и помалку ако не сакате толку луто), 100 г мајонез, неколку капки лимонов сок, сол по вкус




ПОСТАПКА (рецепт 1): Лукот исчистете го и најситно исечкјате го, па ставете го во некој длабок сад, а потоа додајте ги сите наведени состојки. Добро промешајте и иматете со миксер на најслаба брзина.




Доколку е потребно додајте уште сол или некој зачин. Доколку сакате урнебес салатата можете да ја послужувате во чинија или да формирате топчиња со посакувана големина, но обично се прават со големина на тениско топче или помали.




И во двата случаи пред послужувањето потребно е салатата да ја оставите најмалку три часа во фрижидер, за да може убаво да излади и да се стегне пред послужување. А, еве како се приготвува вториот рецепт:




Во подлабок сад фета сирењето изронете го со виљушка или со раце, лукчето поминете го низ преса или изрендајте го, па додајте ги сите наведени состојки. Добро промешајте додека да се изедначат. Оставете поклопено неколку часа во фрижидер да се олади и да ги прими вкусовите и мирисите. Можете да ја послужите со секое јадење.