Oвие штанглички со ореви најчесто се наоѓаат на празничната и славската трпеза. Полнети со жолт крем и со многу ореви, претставуваат едни од највкусните колачиња кои се прават за кратко време. Имаат предобар вкус и сите што ги пробале, не останале на едно парче. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ПАНДИШПАН: 150 г маргарин, 150 г шеќер во прав, 70 г брашно, 150 г мелени ореви, 4 белки. ЗА ЖОЛТ КРЕМ: 4 жолчки, 150 г шеќер. ЗА ФИЛОТ ОД ОРЕВИ: 50 мл млеко, 100 г шеќер, 50 г маргарин, 150 г мелени ореви. За декорирање на колачот потребни се околу 70-80 г мелени ореви.
Големината на плехот е 37×25 см. Може да се користи и малку помал плех. ПОСТАПКА: Вклучете ја рерната да се загрее на 180 степени. Во еден подлабок плех изматете го омекнатиот маргарин. Кога ќе стане пенаст после неколку минути константно миксање, додајте го шеќерот во прав и брашното и продолжење со матење.
Потоа, продолжете со постепено додавање на мелените ореви, а кога сѐ ќе соедините, изматете ги белките во цврст снег и постепено започнете да ги додавате со смесата од маргарин, додека да се соединат. Сѐ се соединува со миксер, а потоа се излева во обложен плех за печење и се израмнува. Печете во загреана рерна околу 20-тина минути, но ова не е крајот на печењето.
Додека кората се пече подгответе го жолтиот крем. Жолчките изматете ги со шеќерот, околу 2 до 3 минути. Кога ќе се формира убав крем, извадете го плехот од рерна (по изминатите 20 минути) и покријте го со кремот од жолчки, рамномерно размачкајте и вратете го во рерна уште 20 минути, на 50 степени.
Сѐ се пече на средната решетка на рерната. Извадете го плехот по 20 минути и заедно со хартијата префрлете го на рамна површина или поголема чинија и оставете да се излади. Горниот слој треба да биде тврд на допир кога ќе го извадите од рерната. Ако не е, вратете го плехот во рерна уште неколку минути.
Сосема е нормално жолчките при префрлањето малку да пукаат, бидејќи при сушењето стануваат кршливи и крцкави. Додека жолчките се сушат, подгответе го филот од ореви. Потребно е во тенџере да го ставите млекото со шеќерот и маргаринот и да почекате да зоврие, со повремено мешање.
Кога ќе се појави првиот клуч, исклучете ја ринглата и во врелата смеса додајте ги мелените ореви, па сѐ убаво измешајте да се соедини и потоа оставете да се олади, на собна температура околу 15-20 минути. Преку жолчките премачкајте го филот од ореви, израмнете и наросете со мелени ореви.
Оставете го колачот да се олади преку ноќ, а следниот ден исечете го на полумесечинки, штангли или коцки. Колачот е многу вкусен кога ќе се олади. Деталите погледнете ги ОВДЕ.