Одличен крем за разни слатки…Толку е добар што секој десерт со него добива неодолив вкус…

Кога приготвуваме колачи и торти обично се придржуваме до пишаниот рецепт. Но, некојпат не ни се допаѓа кремот со кој се филуваат, па би сакале тој да е полесен, помалку сладок, или помалку путерест..

Рецепот за следниот крем е совршен, одговара со сите можни десерти, а може и така да се јаде. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:

500 мл млеко,
1 кесичка пудинг од ванила (40 г),
30 г густин (скробно брашно/нишесте),
3 жолчки,
130 г шеќер,
1 кесичка ванилин шеќер (10 г),
200 мл слатка павлака за шлаг

ПОСТАПКА:

Од три јајца одделете ги жолчките во посебен сад. Белките сочувајте ги за друг десерт како што се целувки на пример, или пак згответе ги во нискокалоричен омлет, со ситно сечкани зелени перца од млад кромид. Може и да ги замрзнете, па да ги искористите по потреба.

Жолчките пенасто изматете ги со миксер додека да побелат и згуснат, па додајте една кесичка пудинг од ванила (40 г), 30 г густин (скробно брашно/нишесте), 130 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г) и 200 мл млеко.

Изматете ја мешавината додека да се соединат сите состојки во мазна, хомогена смеса без грутчиња. Остатокот од млекото (300 мл) истурете го во едно тенџере и ставете на оган да се загрева.

Кога млекото ќе зоврие, тргнете го тенџерето настрана, истурете ја мешавината со жолчки во него и брзо и енергично промешајте.

Вратете го тенџерето на оган со намалена температура и варете го додека да згусне, непрекинато матејќи го (внимавајте на дното).

Сварениот крем префрлете го во посебен сад, а одозгора покријте со проѕирна-стреч фолија за да не фати коричка. Оставете го да се олади на собна температура.

После ладењето, во посебен сад истурете 200 мл слатка павлака директно извадена од фрижидер.

Изматете ја слатката павлака додека да постигнете густина на шлаг. Од оладениот крем тргнете ја фолијата, па уште еднаш измиксајте го за да добие фина, мазна структура.

Додајте го изматениот шлаг и соединете ги со миксер. Вашиот слаткарски крем е готов.

Со него можете да полните разни колачи, да му додадете ситно сечкано овошје и да филувате торти, или пак да го послужувате во десертна чаша како засебен десерт. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете ОВДЕ.