Со години ги набљудував мајка ми и баба ми како ја прават оваа пита, а сега дојде и на мене редот.

Потребни состојки за тесто:

500 г наменско брашно за тенки теста (или меко)
1 прстофат сол
5 лажици масло
300 мл млака вода
Малку масло за премачкување на тестото

За фил:

250-300 г рендана, посолена и процедена тиква
250 г свежо сирење
400 г кисела павлака
1 јајца
Малку сол по вкус

И уште:

Масло за премачкување на развлеченото тесто
Путер за печење

Постапка:

За фил: За една порција доволна е една мала тиква. Излупете ја, преполовете ја, извадете ги семките и изрендајте ја (ако можете да најдете веќе исчистена и изрендана, супер, за да не се мачете). Тиквата посолете ја и оставете да отстои за да пушти сок (исто како за тиквици). Потоа добро исцедете ја со раце, па ставете ја во чиста кујнска крпа или густа газа, па со рацете убаво стиснете за да излезе сета сувишна течност од неа.

Вака исцедената тиква ќе се формира во топка, но лесно со прстите ќе ја одвоите дел по дел и ќе ја разроните за да ја промешате со сирењето. Додадете изронето сирење и кисела павлака, посолете по вкус и соединете. Додадете јајце и промешајте за да добиете хомогена смеса.

За тесто: во подлабок сад просејте го брашното, додадете сол и масло, па постепено млака вода. Мене ми беше потребно околу 300 мл вода, но тоа најмногу зависи од самото брашно. Ако е пресуво, слободно додадете уште вода, а ако се лепи, додадете брашно. Замесете меко и мазно тесто кое не се лепи на раце. Обликувајте го во топка, одозгора премачкајте го со масло и оставете го да одмори околу 30 минути.

Потоа на набрашнета работна маса со оклагија малку развлечете го тестото. Потоа внимателно со рацете тенко развлечете го, започнувајќи од средината кон краевите на тестото, движејќи се кон сите насоки. Тестото развлечете го преку целата маса. Задебелените рабови отстранете ги, а развлеченото тесто наросете го со масло и убаво со тапкање со дланките премачкајте ја целата кора. Ова се прави бидејќи кората е многу тенка и има опасност да се исуши и крши доколку не работите многу брзо, а маслото тоа го спречува.

Потоа се распоредува филот во тенок рамномерен слој. Најдобро е филот да го земате со прсти и да го распоредувате за да одбегнете погломени грутки. Со помош на чаршавот под кората свиткајте ја кората како ролат (од еден до друг крај како штрудла, или од едната страна и од другата страна па да се сретнат на средина и одвојат со нож).

Потоа сечете на парчиња по ваша желба. Јас тоа го правам со мала чинија и парчето само се залепува од страна, па филот не истекува. Парчињата се редат во намастен плех едно до друго, и пред печење врз секое парче се става малку путер/маргарин.

Питата се пече во загреана рерна на 180-190 степени околу 30 минути, додека да добие убава боја и да биде фино крцкава. Додека е се’ уште врела, со помош на остар нож се одвојуваат парчињата, се редат во чинија и веднаш се послужува.

*пред печење можете да ја залиете питата со павлака, но тогаш кората е мека, не е крцкава каква што јас ја сакам.