Познатата Шехеразада торта е готова за час, а во оваа верзија, во интерпретација на Ивана, се користат турски кекси и не е потребно печење на кори.
Потребни состојки: 2 пакувања турски бисквити, 5 кесички пудинг од карамел (1 кесичка од 40 г), 1,700 мл млеко + 400 мл за шлагот, 250 г путер или маргарин, 200 г шеќер, 300 г шлаг со вкус на слатка павлака, 500 мл слатка павлака (за декорација)
Постапка: растопете го шеќерот додека да добиете карамел, па додајте млеко. Претходно оставете малку млеко за да го разматите пудингот (околу 300-400 мл). Гответе додека карамелизираниот шеќер да се растопи.
Додајте го разматениот пудинг и мешајте постојано додека да се згусне. Филот тргнете го од рингла и оставете да се излади. Кога целосно ќе излади изматете го со миксер. Пенасто изматете го путерот или маргаринот па соединете го со изладениот пудинг.
Изматете го шлагот со 400 мл ладно млеко. Филувајте: бисквити, фил, шлаг, бисквити, фил, шлаг, бисквити, фил, шлаг, бисквити, фил и изматена слатка павлака како шлаг. Со шлагот од слатката павлака премачкајте ја целата торта. Оставете ја тортата во фрижидер да се олади и стегне, па послужете ја.
Многу убаво се сече, декоративна е, а вкусот е неодолив. Секој залак се топи во уста, а вкусот на кексите, карамелот и павлаката едноставно се слеваат еден во друг. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
II ВЕРЗИЈА НА РЕЦЕПТОТ: Нова Шехерезада торта која не се пече: детална постапка – мора да успее! Тортата е навистина превкусна, ретко кој не побарал уште едно парче.
Потребни состојки: 1,5 литар млеко, 14 лажици шеќер, 5 пудинг од карамел, 250 г путер, 500 г шлаг, 500 мл газирана вода и 600 г турски бисквити Petitbeurre
Постапка: Од вкупното млеко одвојте 200 мл и додадете 5 кесички пудинг и две лажици шеќер. Тргнете на страна. Остатокот од шеќерот (12 полни лажици) растопете ги на оган да добиете карамел, па додадете го во претходно загреаното млеко.
Кога сето добро ќе се оседини и проврие, додадете ја смесата со пудингот и варете со постојано мешање додека да згусне. Оставете го пудингот да излади и соединете го со измиксаниот путер.
Посебно изматете 500 г шлаг со 500 мл газирана вода. Потоа редете ја тортата во тепсија со димензии 35х25 см: бисквити – фил – шлаг – бисквити – фил – шлаг итн. Вака направете четири редови и на крај обложете ја целата торта со шлаг.
Оставете ја тортата неколку часови во фрижидер, добро да излади и вкусовите да се соединат. Наместо 5 пудинзи од карамел може да користите од ванила и да ставите 15 лажици шеќер наместо 14.