Кога ќе заврне дожд и времето ќе се намурти брз разлика дали е лето, есен или зима, мене ме радуваат ваквите денови зошто сите сме дома собрани, а рерната е вклучена и од неа се шири опоен мирис на некои фини печива, слатки или солени.
Кујната се стоплува, а од неа се шири прекрасен мирис… Ова прекрасно слатко печиво толку многу привлечно мирисаше, што едвај дочекавме малку да подизлади за да можеме да го јадеме. Само се слушаше „МммммМмммм…“. Сега мора уште едно да правам – Јекаго.
Потребни состојки за тесто: 20 г свеж квасец (половина коцка свеж или една кесичка сув квасец), 150 мл млеко, 300 г (+50 г) брашно, 50 г шеќер, 50 г растопен путер, 1 жолчка
За крем: 400 мл млеко, 80 г шеќер, 4 жолчки, 1 кесичка (40 г) пудинг со вкус на ванила (или 40 г густин), 50 г путер. И уште ќе ви биде потребно: една жолчка и две лажици масло за премачкување и крупен шеќер за наросување
Постапка: најпрво пригответе го кремот за да има време убаво да се олади и да биде подготвен за филување на тестото. Во едно тенџере ставете 300 мл млеко, додајте шеќер и ставете на оган да се загрее.
Посебно со миксер изматете ги жолчките со прашокот за пудинг и 100 мл млеко. Кога млекото ќе започне да врие, тргнете го садот на страна и во тенок млаз додавајте од врелото млеко во изматените жолчки.
Брзо и непрекинато мешајте додека жолчките да се растворат и загреат (на овој начин спречувате предвремено да се сварат жолчките и да се создадат грутчиња), па вратете ја содржината повторно во тенџерето и на оган.
Сварете го кремот со непрекинато мешање на тивок оган додека кремот убаво да згусне. Можете да мешате со жица или да матите со миксер. Кога кремот ќе згусне, додека е врел во него додајте го путерот исечкан на листови и мешајте додека тој да се растопи и инкорпорира во кремот.
Сварениот крем тргнете го на страна и оставете го целосно да се олади со повремено мешање за да не се создаде коричка, или едноставно покријте го одозгора со проѕирна фолија.
Започнете со постапката за приготвување на тестото: во топло млеко ставете една лажичка брашно, една лажичка шеќер и издробениот квасец, па промешајте за да се растворат сите состојки и оставете на топло 10-тина минути додека да запени и да се активира.
Во подлабок сад за месење ставете 300 г брашно, растопен и подизладен путер (млак и течен), шеќер и жолчката, а потоа додајте го активираниот квасец. Замесете меко, масно тесто, а ако е потребно додајте уште малку брашно.
Измесеното тесто оставете го да стасува на малку набрашнета чинија/сад и покријте го со чиста памучна кујнска крпа. Најдобро е вака подготвено да го оставите во затворена рерна, а доколку ви се брза и сакате побрзо да стаса, под тестото ставете сад со врела вода која испарува – топлината ќе го забрза стасувањето).
Кога тестото ќе го удвои својот волумен, истресете го врз набрашнета работна површина, па со помош на оклагија развлечете го во кора со правоаголен облик (околу 45х30 см) и премачкајте ја со изладениот крем од ванила.
Дебелината на тестото би требало да биде околу половина центиметар, не потенко. Оставете ненамачкан еден центиметар на почетниот крај од тестото, а на другиот крај 4-5 цм (за да не истекува кремот при виткањето). Свиткајте ја кората во облик на ролат.
Внимателно и со брзо движења, свитканото тесто пренесете го во тепсија или калап претходно обложен со хартија за печење (може тркалезен бр.28 или четвороаголен). Спојте ги краевите така да добиете облик на прстен.
Со остар нож или ножици засечете го тестото, на дебелина колку што сакате да ви бидат широки парчињата за сервирање. Ножот мијте го после секое сечење и малку раширете ги засеците пред печењето.
Жолчката разматете ја со малку масло и премачкјате го тестото, па наросете го со крупна шеќер. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу половина час.
Ако почне нагло да заруменува (поради жолчката), а ова зависи од самата рерна, тогаш одозгора покријте го со алуминиумска фолија и довршете го печењето. Печениот прстен испрскајте го со малку млака вода и покријте го со чиста крпа и оставете да се олади. / Јекаго / Сооlinarika.com
СОВЕТ: Од јајцата ќе ви останат шест белки, па од нив можете да направите целувки, но можете да го приготвите и прекрасниот ЛЕДЕН БАНАНА КОЛАЧ, чиј рецепт ќе следи на порталот НМД.мк. Останете со нас и следете не!