Фото и рецепт: Снежана Елиас – Сос од зелени домати.

Ако имате време и нерви за да правите ајвар, за кој се потребни два дена макотрпна работа, тогаш најдете малку време и за овој сос, одличен е, го заслужува вашето внимание, пробајте го!

Потребни состојки:

2 кг зелени домати (оние покрупните се најдобри за овој сос)
10 чешниња лук
100 мл масло
5 лажици оцет
2 лажички шеќер
2 лажички сол

Постапка:

Доматите измијте ги, посолете ги и наредете ги во подлабока тепсија, ставете вода и масло, прекријте со фолија и печете ги во загреана рерна еден час на 180 степени.

Потоа тргнете ја фолијата и оставете 10-тина минути кората малку да потемне. Кога конечно ќе ги извадите од рерна, оставете ги на страна целосно да изладат, а најдобро преку ноќ.

Следниот ден излупете ги. Многу лесно оди лупењето, се двои во едно парче. Потоа доматите ставете ги во поголемо тенџере, додадете изгмечен лук, оцет, шеќер и уште малку сол по вкус, ако е потребно.

Ставете на оган и отако ќе зоврие намалете на умерена температура и варете 15-тина минути, а потоа со рачен миксер убаво изитнете додека да добиете изедначена каша.

Врелиот сос веднаш складирајте го во врели тегли, затворајте ги со метални капаци и превртувајте ги теглите за да се вакумираат. Оставете ги така да стојат додека целосно да се оладат.

Вака приготвениот сос од зелени домати се чува во фрижидер или на темно и ладно место. Овој сос е како создаден да се комбинира со похувано месо или со печено месо/варено јунешко.

АЈВАР ОД ЗЕЛЕНИ ДОМАТИ

На 3 кг зелени домати се става 300 г рен и 300 г сенф, 500 мл масло, сол и оцет по вкус. Доматите се мелат и се оставаат преку ноќ да се исцедат. Потоа се додава рендан рен и сенф, па добро се меша со додавање на масло, сол и оцет по вкус. Количината на ренот и сенфот може да се намалат, а може да се користи и рен од тегличка.

Фото и рецепт на Мира Гаровиќ.