I РЕЦЕПТ – Нешто брзо, лесно и едноставно за појадок или вечера – за 15 мин е готово! Фотографија и рецепт на Beti Josi (Klara Boss). Рецептот одамна ми беше запишан во тефтер, па прелистувајќи го, го здогледав и одлучив да го направам.
Токму во вистинско време кога ни требаше нешто брзо, лесно и едноставно за вечера… Потребни состојки: 1 јајце, 200 мл јогурт, 400 г брашно, 1 прашок за печиво, 1 лажичка сол, 130 г сирење, 130 г кашкавал, 130 г шунка, 1 лажичка оригано и 3 лажици кечап
Постапка: Шунката, кашкавалот и сирењето се рендаат ситно. Од сите состојки се замесува хомогено тесто, кое го развлекуваме во кора на набрашнета работна површина, со дебелина од околу 0,5 см. Кората се сече на коцки.
Веднаш се пржат во загреано масло по неколку минути од двете страни додека убаво да заруменат, па се редат врз хартиена салветка за да се впие вишокот маснотија. Служете ги топли, но вкусни се и кога се изладени, со чаша јогурт, кисело млеко или нешто по ваша желба.
II РЕЦЕПТ – Наједноставниот појадок готов за неколку минути – пирошки со компир. Многу вкусни и едноставни мини пирошки. Може да ги приготвувате од сварен компир, но истиот можете да го искористите доколку ви останало непотрошено компир-пире од претходниот оброк.
Потребни состојки: 750 г компир, 100 г брашно, 1 лажица сув зачин (вегета), 150 г кашкавал, 40 г маргарин/путер, 2 жолчки, мускатно оревче. За похување: презла, јајце, масло за пржење.
Постапка: Компирот сварете го во лушпа, излупете го и испасирајте го. Додадете брашно, зачини, рендано оревче, жолчки и путер. Убаво промешајте и измесете додека да добиете изедначено тесто.
Обликувајте крокети, а во секое втиснете стапче кашкавал. Вака добиените крокети валкајте ги во брашно, па во јајца, па во лебни трошки и пржете ги умерено загреано масло. Може да ги јадете самостојно, но може и како прилог со месо.
III РЕЦЕПТ – Посни ајварки – Погачици “АЛА ВЕДНАШ ГОТОВИ” за вкусен појадок, вечера или предјадење. Ајварките –погачици се многу вкусни кои се печат во рерна без дополнителни маснотии. Може да г псолужите за појадок или вечера, но интересни да ги сервирате и како предјадење или закусна. Одлични се за време на пост.
За да ги приготвите овие посни погачици, ќе ви бидат потребни следните состојки: 250 г испасиран варен компир, 250 г посен маргарин, 400 г брашно, 20 г квасец, 3 лажици ајвар, ½ китка магдонос, малку шеќер, 1 лажичка сол. По вкус може да додадете и малку ситно сечкани перца од млад кромид или праз, или нешто по вкус. Постапка:
Излупете го компирот, исечете го на крупни коцки и ставете го да се вари во тенџере со посолена вода. Квасецот издробете го во чаша заедно со малку шеќер и малку млака вода. Може да додадете и лажичка брашно. Измешајте убаво за да се растопи шеќерот.
Вака изматениот квасец оставете го на топло место околу 10-тина минути за да се активира и запени. Маргаринот пенасто изматете го со електричен миксер, додадете сол, ајвар и сечкан магдонос. Продолжете да матите додека да добиете изедначена смеса.
Додадете го испасираниот компир и активираниот квасец. Матете доколку имате продолжетоци на миксерот за тесто или продолжете го месењето рачно. Замесете компактно тесто кое не се лепи и од него развлечете кора со оклагија, со дебелина од 2 см. Сечете погачици со чаша и редете ги во плех обложен со хартија за печење.
Секоја погачица премачкајте ја со малку ајвар. Оставете ги погачиците да стасуваат покриени околу 15-тина минути колку малку да нараснат и да станат воздушести, а потоа ставете ги да се печат во загреана рерна на 200 степени додека да заруменат, околу 10-тина минути.
IV РЕЦЕПТ – Највкусните топли сендвичи: Појадок или вечера за само 10 минути! Многу вкусни лепчиња, се приготвуваат за многу кратко време. Секогаш кога немате многу време, а сакате да ги изненадите со нешто вкусно вашите најмили, имајте го во предвид овој рецепт.
Потребни состојки: 150 г рендан кашкавал, 150 г шунка сечена на коцки, 2 тријаголници топено сирење (зденка), 2 лажици мајонез, 1 јајце, 1 прстофат оригано, 200 мл јогурт, леб исечен на парчиња (приближно 8), 200 мл млеко
Постапка: Парчињата леб се натопуваат од двете страни во млеко. За фил: ги мешаме сите состојки и добро ги промешуваме со јајца, јогурт, мајонез. Плехот од рерна треба да се обложи со хартија за печење и малку да се намасти со путер. Натопените лепчиња се редат во плехот и врз нив се става од приготвениот фил. Се печат во загреана рерна на 200 степени додека малку да фатат коричка.
V РЕЦЕПТ – Одличен појадок за 10 минути – “Пржени” лепчиња од рерна / Фотографија и рецепт на Снежана Кнежевиќ. Брз и вкусен појадок. На овој начин лепчињата најмалку впиваат масло..
Потребни состојки: 5-6 јајца, 200 г ситно сирење, 500 мл млеко, 1 лажичка морска сол, 2 лажици маслиново масло, 11 парчиња леб, 1-2 лажички оригано, кечап, сирење, јогурт, кефир, доматен сок како прилог.
Постапка: Исечете го лепот на парчиња, а доколку веќе имате исечен, уште подобро. Во одговарачки сад искршете ги јајцата, додадете сол и изматете со виљушка. Додадете сирење, млеко и масло и само уште еднаш промешајте за да се соедини.
Натопувајте ги парчињата леб, па свртете ги да се натопат и од другата страна. Лебот редете го во плех обложен со хартија за печење. Наросете го одозгора со оригано. За тоа време, вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени. Ставете го плехот во рерна и печете го лебот додека да зарумени.
Кај мене се готови за 10 минути, бидејќи користам вентилатор со топол воздух. Пржените лепчиња извадете ги од рерна, покријте ги и оставете ги малку да подизладат. Послужете ги со прилог по желба. Ние користевме домашен кечап. / Фотографија и рецепт на Снежана Кнежевиќ