„Исклучително практична и брза за подготовка, оваа торта со кекс и мак ќе биде вашиот „кец на десетка“ или една од вашите омилени, под услов да и дадете шанса.

Не треба да бидете нешто посебно вешти или мајстори во кујна за да ја приготвите оваа многу вкусна торта“, вели Наташа Стевановиќ (од блогот „Nale Coolinarija“), повикувајќи се на рецептот од Јулија т.е. „Слатки тајни“ и објаснувајќи ја постапката. Во продолжение прочитајте ја и посната верзија за подготовка на бомбици/ситни колачи. Еве што ви е потребно:




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за торта): 250 г мелен мак (семе од афион), 230 г шеќер, 4 супени лажици гриз, 650 мл млеко, 1 кесичка ванилин (бурбон) шеќер (10 г), рендана кора од 1/2 лимон, 200 г несолен путер, 450 г мелени кекси (плазма или по избор). За ганаш: 150 г бело чоколадо, 70 мл слатка павлака и малку мелени кекси за декорација.

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за 24 бомбици): 100 г мелен мак (семе од афион), 100 г шеќер, 1 кесилка ванилин шеќер, 2 супени лажици гриз, 300 мл растително млеко (бадемово, соино, оризово или пак сок од портокал), 300 г посни мелени бисквити, 24 свежи малини или друго овошје по избор (може и лешник). За глазура: 200 г црно чоколадо, 1 лажица масло.




ПОСТАПКА за рецепт 1: Во подлабок сад ставете го мелениот мак, шеќерот, ванилата, гризот и млекото, па ставете на умерен оган и гответе со повремено мешање додека смесата да згусне. Потоа садот тргнете го од оган и додајте путер исечкан на коцки.




Мешајте додека путерот да се растопи и инкорпорира во смесата, па дури потоа додајте ги мелените бисквити. Соединете, а добиената смеса натапкајте ја на дното од калап со пречник од 22 см (претходно обложен со проѕирна фолија или хартија). Оставете во фрижидер малку да се стегне додека го приготвувате ганашот.




За ганаш: во мало тенџерче ставете го чоколадото искршено на коцки и растопете го на тивок оган заедно со слатката павлака. Внимавајте смесата да не ви проврие. Излејте го ганашот преку тортата и вратете во фрижидер убаво да се стегне. За еден час можете да ја дегустирате тортата. А, еве како се приготвуваат вкусните бомбици:




ПОСТАПКА за рецепт 2: Во тенџерче ставете ги макот, шеќерот, ванилата, гризот и растителното млеко. Повремено мешајте додека смесата да се згусне исто како пудинг (10-тина минути). Потоа тргнете од оган и додајте ја посната мелена плазма, па мешајте додека да се соедини. По потреба може да се додаде уште малку плазма.




Добиената смеса оставете ја да се олади до собна температура. Мерката за бомбиците е една голема супена лажица: развлечете на дланката, ставете малина на средина и формирајте топче-бомбица. Смесата е малку леплива но убаво се обликува. Топчињата оставете ги еден час во фрижидер убаво да се стегнат.




Потоа растопете чоколадо на водена пареа или на тивок оган, заедно со една лажица масло за сјај, па натопувајте ги ладните топчиња едно по едно и редете ги на боцнати на стапче или врз хартија за печење. Ако глазурата ви се стегне зошто топчињата се ладни, по потреба повторно загревајте ја.




Со вишокот чоколадо (или бело чоколадо/млечно чоколадо) можете дополнително да ги украсите: чоколадото растопете го во кеса за замрзнување, на аголот направете сосем мало дупченце, па правете коси линии врз бомбиците. Оставете ги уште еднаш во фрижидер да се стегнат, а потоа послужете ги во хартиени корпички.