Син ми цела недела беше на гости кај баба му и братучедите. Помеѓу целиот куп материјал за раскажување колку доообро и вака и онака си поминал, немаше доволно зборови да ја испофали и опише питата која ја јадел кај баба му.
Толку со сласт раскажуваше за овој „солен колач“ што и јас посакав да го направам. Го направив ова јадење со обични мали зелени тиквички, со готови кори за пита и сирење, па ја послужив за вечера. Син ми рече дека „не била баш како на баба му, ама дека сепак била супер!“
Како и да е, на сите дома им се допадна и беа воодушевени, веднаш се „мафна“ цел плех (добро, и на сосетката и сочував едно парче за да проба). Навистина питава е нешто што треба да го пробате, а оригиналниот рецепт е со оние портокаловите тикви – Сандра Гашпариќ.
Вкусна пита со тиквички и сирење, одлична за секакви пригоди!
Потребни состојки: 1 пакување готови кори, 5-6 тиквички, 500 г кравјо сирење, 5 јајца (3+2), 5 лажици кисела павлака (2+3), 1 лажица гриз, 1 лажичка прашок за печиво, вегета, сол, црн пипер
Постапка: тиквичките излупете ги и изрендајте ги. Оставете ги посолени да отстојат 15-тина минути, па исцедете ги со раце. Измешајте го сирењето со три јајца, 2 лажици кисела павлака и една лажица гриз. Зачинете по желба.
Можете да користите вегета, но ако не сте љубител можете да зачините со сол и црн пипер. Во калап премачкан со путер ставете еден лист кора и врз него распоредете прво рендани тиквички, па смеса од сирење.
Ставете втора кора која лесно со рацете ќе ја изгужвате во величина на калапот во кој ќе печете. Постапката повторувајте ја додека имате состојки. Завршете со кора која треба да биде рамна и исечена според величината на калапот доколку е поголема.
Залијте со мешавина од 2 јајца и 3 лажици кисела павлака, па исечете на коцки со помош на остар нож за да можат јајцата убаво да се распоредат во внатрешноста. Печете во рерна на 180 степени околу 30 минути додека да добиете златно жолта боја.
Малку изладете и послужете сечена на коцки. Може да се послужи како фина закуска за гости, како лесен ручек со некоја конкретна салата, како топло предјадење или пак, вака како ние вечерва – за вечерва. Вкусна е да се јаде и топла и ладна, а со неа идеално одговара чаша јогурт.
Можете да ја приготвувате и без прелив од јајца, па да ја замрзнете и некогаш кога сте во гужва и немате доволно време за приготвување, само извадете ја од замрзнувач и запечете ја во рерна според погоре опишаниот рецепт. Нека ви е на здравје! / Сандра Гашпариќ
II РЕЦЕПТ Пита со тиквички, гриз и јогурт
Потребни состојки: 500 г тенки кори за пита, 600 г тиквички, 1 помала главица кромид, 2 јајца, 250 мл јогурт, 100 г гриз +-, 100 мл масло + 2-3 лажици дополнително, сол, црн пипер по вкус, магдонос
Постапка: во јогуртот додајте 100 мл масло и 2 јајца. Тиквичката измијте ја и изрендајте ја, а исто така и кромидот. Посолете, запиперете, додадете околу 2 лажици масло и промешајте.
Намастете ја тепсијата, ставете една кора, масло, кора, прелив од јогурт, трета кора, прелив од јогурт и четврта кора. Преку четвртата кора ставете рендани тиквички и наросете 1-2 лажици гриз, па кора, прелив, кора, тиквички, гриз… и така до крај со по три кори.
Исечете ја питата на коцки, премачкајте ако останало малку од преливот, ако не, тогаш премачкајте со малку масло и оставете да отстои 20 минути. Одозгора наросете сечкан магдонос или сечкани тиквички. Загрејте ја рерната на 200 степени и печете додека да зарумени, околу 30 минути.
III РЕЦЕПТ – Пита со тиквички, сирење и гриз – БЕЗ КОРИ
Уште еден добар, брз и вкусен рецепт со тиквички. Питата се топи во уста и поради тоа многу брзо целата се изедува. Уживајте во добрата храна и ако ви се допаѓа рецептот споделете го со вашите пријатели.
Потребни состојки: 5 јајца, 600 г тиквички, 1 помал морков, 1 чешне лук, половина китка магдонос, 3-4 лажици кисела павлака, 250 г фета сирење, 60 г брашно, 100 г пченичен гриз, 1 лажичка сол или по вкус, малку црн пипер, 100 мл масло, 1 прашок за печиво и 100 г кашкавал за одозгора (не мора)
Постапка: вклучете ја рерната на 180 степени, тепсијата намастете ја и наросете 2 лажици гриз. Тиквичките добро измијте ги, па исечкајте ги на ситни коцкички, морковот изрендајте го најситно, магдоносот исто така, исечкајте го поситно колку можете.
Изматете ги јајцата со миксер додека да згуснат, па додајте масло, исечканиот зеленчук, зачините и ситно сечканото лукче. Потоа додајте оздробено сирење (со рака издробете го), па брашно, гриз, кисела павлака и прашок за печиво.
Кога сите состојки ќе ги додадете, измешајте да се изедначи и смесата излејте ја во приготвениот плех. Ставете да се пече во загреана рерна околу 45 минути. Врз печената пита наросете рендан кашкавал и послужете ја топла. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.