Очекувате гости а немате колач? Не грижете се, за половина час можете да направите многу вкусен и едноставен колач кој не се пече, а се нарекува Бајадера од ванила или некои ја викаат ванил-бајадера.
Потребни состојки:
100 г путер/маргарин
50 г шеќер
2 лажици какао
250 г мелени бисквити
100 г исечкани и препржени лешници
50 мл сок од портокал
За крем:
400 мл млеко
1 пудинг од ванила
2 лажички шеќер
50 г путер/маргарин
За глазура:
100 г чоколадо
30 г путер/маргарин
Малку вода
Постапка:
Пенасто изматете го путерот со шеќер. Во тоа додадете бисквити, лешници, какао и сок од портокал и полека мешајте. Калапот обложете го со хартија за печење па истурете ја приготвената смеса и израмнете.
Во малку млеко додадете еден пудинг од ванила, изматете и сварете го во остатокот од зовриеното млеко со шеќер. Во изладениот пудинг додадете изматен путер и убаво измиксајте за да се соединат.
Кремот прелијте го преку смесата со бисквити, а одозгора прелијте со чоколадна глазура. Пред послужување добро изладете го.