Вака подготвените јајца се традиција во моето семејство за време на велигденските празници, но многу често ги подготвувам и во остатокот од годината, особено кога ќе ми дојдат некои гости.
Полнетите јајца во три вкуса се подготвуваат за кратко време. Сѐ што ви треба се неколку едноставни состојки. Брзо и едноставно предјадење кое може да се послужи за секакви пригоди.
Секогаш први исчезнуваат од трпезата и сите се воодушевени од нивниот вкус. Оваа комбинација ви ја препорачувам, вака послужените јајца сигурно ќе ја красат трпезата и ќе се изедат во еден миг. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 9 варени јајца, 90 г суви домати, 1-2 китки власец (или зелен кромид), 50 г шунка, 3 лажички мајонез.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 5 јајца, 2 супени лажици мајонез (или повеќе по потреба), 1 мала лажичка сенф, 1 супена лажица кисели краставички, 1 супена лажица млад или обичен кромид, зачини: сол, црн пипер, мелена зачинска пиперка.
ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Јајцата сварете ги тврдо во зовриена вода. За жолчката да биде тврда потребно е да ги варите од 7-10 минути.
Потоа, излупете ги и оставете малку да се оладат, па пресечете ги на половина и одвојте ги жолчките од белките.
Поделете ги жолчките рамномерно во 3 чинии. Ситно исечкајте ги шунката, власецот и сушените домати. Во секоја чинија жолчки додајте по една лажичка мајонез. Во првиот сад со жолчки и мајонез додајте 1 лажичка рен и соединете го.
Потоа додајте ја шунката и измешајте. Во другиот сад изгмечете ги жолчките и мајонезот, додајте го власецот и измешајте.
Доколку е потребно, ако пастата од жолчка и власец е премногу сува, додајте уште малку мајонез. Потоа од третиот сад соединете ги жолчките и мајонезот, додајте ги сувите домати и повторно измешајте.
Наполнете ги половините од белките со вака подготвените пасти и ставете ги на послужавник или декоративен овал. Деталите од целата постапка за првиот рецепт погледнете ги ОВДЕ, а во продолжение проследете ја постапката за вториот рецепт.
ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Јајцата тврдо сварете ги, па кога ќе се оладат пресечете ги надолжно на половина и извадете ја жолчката. Испасирајте ги со виљушка, па додајте им мајонез и сенф и промешајте до изедначување.
По потреба додајте и повеќе мајонез, во зависност од тоа колку редок сакате да ви биде кремот.
Додајте ги ренданите или ситно исечканите кисели краставички (исцедете ги од сокот) и ситно сечканиот кромид, зачинете и промешајте. Со смесата полнете ги јајцата и декорирајте по желба.