Нема поубав мирис и вкус од домашното лепче кое носи топлина во домот, но и во срцата на сите. Лепчето кој ги воодушеви многумина е овој рецепт кој е лесен за подготовка, а може да го направите за кратко време. Сѐ што ви е потребно се неколку едноставни состојки, кои постојано ги имате во домот. Лепчето може да се послужи и на посната и на мрсната трпеза.




Овој леб не се сече на парчиња како што е вообичаено, туку самите меурчиња се одвојуваат и се јадат во еден залак. Одозгора лепчето може да го премачкате со масло и да го наросите со сусам или некои други семки, но доколку сакате да има покрцкава коричка може и да го премачкате со една жолчка и да наросите кашкавал одозгора. Многу е вкусен и со ситно сечкано лукче и малку маслиново масло. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 мл млака вода, 1 лажица сув квасец (1 кесичка), 1 лажица шеќер, 50 мл масло, 700 г брашно (тип 500), 1 лажичка сол. ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете ја водата и додајте го сувиот квасец и 1 лажица шеќер. Измешајте ги состојките и почекајте квасецот да се активира и да набубри.




Во друг сад измешајте го брашното со 1 лажичка сол, па во активираниот квасец додајте го маслото, промешајте и постепено започнете да го додавате брашното. Мешајте го тестото со шпатула, додека да почне да се соединува. Кога ќе го додадете целото брашно, замесете го целото тесто кое треба да биде густо и малку лепливо на прсти.




Месете го неколку минути и потоа покријте го со чинија/кујнска крпа/пластична фолија и оставете да нарасне на собна температура, колку што е потребно. Јас го оставам околу 1-2 часа да нарасне. По изминатото време, наросете го со брашно и нежно извадете го од садот, па префрлете го на рамна, набрашнета површина.




Размесете го тестото уште малку, колку да се испуштат вишокот гасови од него, па со оклагија развлечете го во форма на правоаголник со дебелина од 1 см. По потреба наросувајте со брашно на оклагијата на површината на тестото, доколку ви се лепи.




Вака развлеченото тесто поделете го помали коцки, хоризонтално на 6 ленти, а вертикално на 7, да добиете повеќе, помали коцки. Секоја коцка формирајте ја во топче, со тоа што долните, надворешни страни ќе ги виткате кон средината на тестото. Формираните топчиња редете ги на плех, обложен со хартија за печење.




Од топчињата може да формирате елка или некој друг облик, а може и само да ги редите како мене, едно до друго, без некоја форма. Покријте со крпа, па оставете тестото да одмори уште 15-тина минути. Вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени.




Вака подготвените топчиња премачкајте ги со масло/путер и наросете ги со сусам (бел и црн сусам). За покрцкава коричка, премачкајте со 1 жолчка, измешана со малку масло, а по желба може да наросите и малку кашкавал или да наредите ситно сечкано лукче кое ќе даде пријатна арома на лепчето. Печете околу 30 минути, додека лепчето да фати коричка. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.