Ослободете ја вашата градина и вашиот дом од ситни, но и од оние малку крупни штеточини со природни и нештетни пестициди за вас и околината, а кои можете да ги направите сами од едноставни состојки и тоа за само 5 минути.
Овие мешавини кои ви ги предлагаме се сосем природни, „еко-френдли“ опции, а ефикасни се исто како и индустриските пестициди. Целта е вашиот дом и градината да бидат здрави, но по можност без тешки хемикалии.
Природни опции и решенија секогаш постојат. Одговорот на речиси сите проблеми може да се најде во природата. Добрата работа е што се’ повеќе се зголемува бројот на луѓе кои се интересираат и сакаат да се запознаат со тајните на природата. Придружете им се и вие, па овојпат направете природни пестициди. Тие ќе ви помогнат да се ослободите од штетниците кои ги напаѓаат вашите билки, бубачки, вошки и останати мали паразити.
ЛУК
Спрејот приготвен од лук е еден од најпознатите природни пестициди. Во еден литар вода се ставаат 10-тина сечкани чешниња лук (а може да додадете и една лажица кајенска пиперка во прав). Ставете на оган, па откако ќе зоврие нека се вари 15-тина минути. Потоа, тргнете од оган, поклопете и оставете целосно да излади. Течноста процедете ја, па складирајте во шише со распрскувач. Со оваа течност се прскаат билките и околу нив доколку се засадени во двор. Овој спреј има рок на траење од 10-тина денови доколку се чува во фрижидер.
БОСИЛЕК
За овој спреј ви е потребно: 4 шолји вода, 1 шолја свеж или 2 лажици сув лист од босилек и 1 лажичка течен детергент за садови. Во поголем сад ставете вода да зоврие, додадете го босилекот и варете 3 минути. Тргнете од оган, поклопете и оставете целесно да излади. Во смесата додадете течен детергент и складирајте ја течноста во шише со распрскувач. Ова е ефективен пестицид против растителни вошки.
СОЛ
Растворете 2 лажици сол во 5,7 литри вода. Оставете да отстои пет минути. Користете ја оваа смеса против гасеници, црвчиња, турски полжави и слични инсекти.
На сличен начин користете горчлива сол и тоа против црни точки и дамки на листовите, лишаи, мувла, разни болести од кои венеат листовите. Растворете 60 г горчлива сол (од аптека) во 7,5 литри вода и применете ја смесата на билките.
ЦИТРУСИ
За оваа мешавина ви се потребни: 2 шолји кора од лимон или портокал и 4 шолји вода. Ставете ја водата на оган да зоврие, па тргнете на страна, додадете ги корите, поклопете и оставете да излади. Процедете и користете против растителни вошки со крилја.
ТУТУН
Иако звучи чудно, тутунот се покажал како еден од најдобрите пестициди од домашната работилница. Тутунскиот спреј е одличен против ситните штеточини особено кога станува збор за нежните билки. Потребно е да потопите една рака чист, органски тутун во 3,8 литри вода и да оставите 24 часа да отстои. Кога водата ќе стане светло кафеава, слична на бој на чај, процедете го тутунот и со добиената течност прскајте ги нападнатите листови. Овој спреј не смее да се користи за билките како што се: домат, пиперки, црна патлиџан.