Алвата е омилената слатка за многумина. Може да се приготви на различни начини, на стар традиционален, но и на понов начин, со додатоци. Пробајте некој од наведените рецепти, собрани во нашата архива, сите се проверени, лесно и брзо се приготвуваат и што е најважно – многу се вкусни!

I РЕЦЕПТ – Пригответе за многу кратко време вкусна алва со овој едноставен рецепт

Потребни состојки: 100 г путер или маргарин, 100 г брашно, 100 г шеќер, 200 мл вода и 1 ванилин шеќер.

Постапка: Растопете 100 г путер, па коца целосно ќе се растопи додајте 100 г брашно. Непрекинато мешајте приближно 5-10 минути. Бидете внимателни и не прекинувајте со мешањето затоа што многу лесно може алвата да изгори. Во друг сад ставете 200 мл вода, 100 г шеќер и 1 кесичка ванилин шеќер.

Ставете да зоврие и да се растопи шеќерот. Кога смесата со брашното и путерот е готова, односно кога малку ќе пожолти, додајте го шеќерниот сируп кој претходно го сваривте и веднаш поклопете за да не ве испрска. оставете така 10-тина секунди, па продолжете да мешате за да не се создадат грутчиња.

Алвата вадете ја со лажица во чинија или полнете калапи со различни фигури. Можете да ја излеете и во некој плех претходно намастен или обложен со проѕирна фолија, па откако ќе олади да го сечете на парчиња по ваша желба. Оставете ја алвата во фрижидер малку да се олади, а потоа наросете ја со малку мелени ореви и послужете ја. / Coolinarika.comn

II РЕЦЕПТ – ЦРНАТА АЛВА ми е највкусна, а во посни денови ја правам без масло (Фото и рецепт: Liza Alex) Црната алва ми е многу вкусна, ја правам и без масло во посните денови. Рецептот што најчесто го правам е следниот: мерката е шолја за кафе.

Потребни состојки: 1 шолја вода, 2 шолји масло, 6 шолји шеќер, 6 шолји брашно, 1 шолја какао или чоколадо во прав, 150 г сечкани ореви (или лешници, бадеми или не мора ништо)

Постапка: во еден сад на оган ставете ги водата, маслото и шеќерот. Брашното и какаото добро промешајте ги да нема грутки. Кога ќе се стопи шеќерот додајте го брашното, какаото и оревите, па постојано мешајте додека смесата да згусне. Освен ореви, по желба можете да додавате лешници, бадеми, желе бонбони, кандирано овошје… или не мора ништо. Излевате во калап да се стегне, па сечете и декорирате по желба.

III РЕЦЕПТ – Домашна алва со бадем и лешник, преслатка!

Домашна алва со бадем и лешник , преслаткааа… Сè што ви е потребно е едно убаво длабоко тавче, дрвена лажица, кафеав шеќер, гриз, вода, масло и бадемчиња или лешничиња или нешто по ваш вкус. / Фотографија и рецепт на Елена Сетинова

Потребни состојки: 1/2 филџан масло, 1/2 филџан шеќер, 1 филџан гриз, 3 филџани млака вода, бадеми и лешници

Постапка: 1/2 филџан масло, 1 филџан шеќер и 1 филџан гриз се пржат во длабоко тавче. Кога ќе добијат боја на старо злато се додаваат 3 филџани млака вода. Температурата се намалува и интензивно се меша со дрвена лажица. Згуснатата маса се трга од оган, се додаваат бадемите, се прелева во плех, се сече во вид на ромб и се пропрскува со мелен лешник.

Напомена: Додека ја правите алвата мешате со дрвената лажица интензивно, кога ја додавате водата тргнете го тавчето од оган оти многу прска……и вратето го на ринглата со намалена температура.

IV РЕЦЕПТ – Свадбарска алва – моето омилено благо! (Фотографија и рецепт на Снежана Тренчева)

Потребни состојки: 1 чаша масло, 2 чаши гриз, 3 чаши шеќер, 4 чаши вода

Постапка: Гризот се запржува во маслото, се меша додека да зарумени.
Се става шеќерот да зоврие во водата и се истура врз гризот, па се меша постојано додека да згусне смесата. Вака згуснатата смеса се излева во тавче бр.30 или 32. Кога ќе излади и ќе се стегне може да се сече со форми по ваша желба.

V РЕЦЕПТ Да се направи алва е вистински мајсторлук, зошто правата алва треба да се двои од лажицата

Велат, да се направи алва е вистински мајсторлук. Правата алва треба да се одвојува од лажицата, да не биде премногу брашно, да не е премногу масна, да не “дави” и да може да се јаде и со рака, но и со вилјушка. Оца е традиционален рецепт за алва без џемови, ванила или други додатоци, само ореви за наросување.. Рецепт на Арма

Потребни состојки: 110 г путер, 110 г брашно, 110 г шеќер, 220 мл вода, ореви за наросување

Постапка: Шеќерот и водата измешајте ги и ставете ги на страна. Во тенџере растопете го путерот, па кога ќе започнат да се создаваат меурчиња, намалете ја температурата, па додајте брашно. Со дрвена лажица пржете го брашното околу 10-тина минути, додека да добие нежна светлокафеава боја.

Кога брашното е до половина пржено, ставете да се сварат водата и шеќерот. Варете ги само неколку минути, не премногу. Готовото пропржено брашно ставете го на страна со дрвената лажица внатре. Во левата рака држете го капакот од тенџерето а во десната сирупот.

Брашното полијте го со топлиот сируп и веднаш прекријте го со капакот и притоа внимавајте на рацете да не се изгорите. После неколку секунди кога смесата ќе се „смири”, брзо со дрвената лажица измешајте ја алвата за да нема грутчиња. Алвата вадете ја на чинија и наросете ја со мелени ореви.

За алвата секогаш одат мерки 1:1:1:2 за брашно, масло/путер, шеќер и вода. Од оваа мерка излегува една чинија, а вие ако сакате поголема количина само зголемете ги состојките. Доколку сакате можете во неа да ставите разни додатоци по вкус.

VI РЕЦЕПТ – ДОМАШНА АЛВА Фотографија и рецепт на Родна Трпеска

Потребни состојки: 500 г брашно, масло по потреба (околу 500 мл), 500 г шеќер, 500 мл вода, ореви по потреба

Постапка: Во брашното се додава масло колку да може убаво да се меша. Се пржи додека да добие златнокафеава боја, па се трга на страна. Се дотура претходно сварен и врел шербет (10 мин) и се меша додека да се добие потребната густина. Се пропржува кратко, а потоа се наросува со ореви и се формира во облик по желба.

VII РЕЦЕПТ ДОМАШНА АЛВА СО ОРЕВИ ИЛИ КОКОС

Потребни состојки: 100 г путер или маргарин, 100 г брашно, 100 г шеќер, 200 мл вода, 1 ванилин шеќер, ореви или кокос за декорација

Постапка: Растопете го путерот, па додајте го брашното. Постојано мешајте приближно 10 минути, бидејќи алвата лесно може да загори. Во друго тенџерче ставете 200 мл вода и 100 г шеќер + кесичка ванилин шеќер и оставете сирупот да зоврие.

Кога смесата со брашно ќе добие светлокафеава боја, додајте го сварениот сируп и внимавајте на рацете зошто може да прска. Оставете ја смесата 10 секунди поклопена, па веднаш почнете со мешање за да не се создадат грутчиња. Алвата вадете ја на чинија со лажица и најдобро е да ја оставите во фрижидер малку да излади. Наросете со ореви или кокос по желба.

VIII РЕЦЕПТ – Алва од моркови, многу вкусна и здрава, за анемија, имунитет и чистење на органите

Направете си слатка која истовремено ќе ја задоволи вашата потреба за благо, а од друга страна ќе ви помогне да го зајакнете вашиот имунитет, а помага и за анемија.
Алвата ја сакаат многумина. Приготвена од семки од сончоглед, содржи витамини, микроелементи, полинезаситени масни киселини и фосфолипиди, кои придонесуваат за јакнење на имунитетот и одржување на кардиоваскуларниот систем.

Ho во сè е потребна мера – од вкусната алва смееме да изедеме само 20-30 г. Фитотерапевтката Јана Кириловна Бањко од Екатеринбург, советува сами да си направиме алва од моркови. Ова слатко е корисно во случај на анемија, хиповитаминоза, полиартритис, кардиоваскуларни заболувања, болести на црниот дроб, на бубрезите и на желудникот.

Во времето на настинки алвата од моркови ќе го засити организмот co витамини и ќе помогне да се зајакне имунитетот, а заболените да избегнат компликации. Ова е нејзиниот рецепт за приготвување на алва, а подолу можете да го погледнете и нашиот избор –видео презентацијата од “Кујната на Нина”.

Потребни состојки: 1 чаша изрендани моркови од кои е исцеден сокот, половина чаша млеко или вода, третина чаша шеќер, четири лажици путер, третина чаша суво грозје (може да се користи кое било иситнето суво овошје), три лажици малку испечени и измелени јаткасти плодови (или мешавина од јаткасти плодови), прстофат зачини по желба (цимет, кардамом и сл.).

Постапка: растопете го путерот и во него додајте ги морковите. Пржете ги на тивок оган додека да ја почувствувате силната арома на морковите. Потоа додајте ги сите преостанати состојки, освен зачините. Динстајте на тивок оган 15 минути, co постојано мешање. Кога ќе испари целата течност, додајте ги сите мелени зачини.

Добиената смеса претурете ја во претходно намастени калапи и оставете да отстои час-два. Потоа извадете ја, исечете ја на коцки (1х1 см) и пo желба поросете co шеќер во прав или co рендан кокос. Смесата исто така, можете да ја оставите да се олади, а потоа од неа да направите топчиња. Алвата чувајте ја во фрижидер. Дневната доза се две коцки или топчиња. Сепак, не треба да се претерува.

IX РЕЦЕПТ – Долго очекуваниот рецепт за двобојна алва, конечно го имаме и ние – многу повкусна од купечката

Рецепт и видео презентација на Том Филос – Алва. Алва е ориентална слатка на која сите и се радуваат. Направете си домашна алва и послужете ги милите гости, да ве памтат само по убаво! – порачува мајсторот Том Филос.

Потребни состојки: 300 г семки од сончоглед, 300 г сусам, 2 белки, 1 прстофат сол, 300 г шеќер, 80 мл вода, 1 лажица какао

Постапка: семките од сончоглед (300 г) ставете ги во блендер и мелете ги додека да добиете конзистенција на влажен песок. Мелете постепено, дел по дел, за да може убаво целата количина да се сомеле на истиот начин. Истата постапка повторете ја и со сусамот.

Во посебен сад одвојте ги белките и пенасто изматете ги со прстофат сол. На оган ставете тенџере со 300 г шеќер и 80 мл вода. Загревајте со постојано мешање додека шеќерот да се растопи, околу 3 минути. Врелиот сируп додајте го во тенок млаз додека го матите снегот од белки.

Матете додека тој да стане цврст и сјаен, а потоа половина ставете во сусамот, а половина во сончогледовите семки + 1 лажица какао во прав. Промешајте ги и изедначете ги смесите. Потоа двете смеси грубо промешајте ги, а целата смеса истресете ја во некој помал калап обложен со проѕирна фолија.

Израмнете и добро натапкајте, па покријте со фолијата. Алвата оставете ја да се лади додека да се стегне. Потоа превртете ја, отстранете ја фолијата и исечете ја на коцки со величина по ваша желба.

X РЕЦЕПТ – БРЗО И ЕВТИНО: Чоколадна алва за 15 минути е готова

Потребни состојки: 1 шолја (за кафе) вода, 2 шолји масло, 6 шолји шеќер, 6 шолји брашно, 1 шолја чоколадо во прав или какао. По желба: суво грозје, ореви, лешници, бадеми, итн…

Постапка: во подлабок сад ставете масло, вода и шеќер, па ставете на оган…
Брашното помешајте го со чоколадото или какаото. Кога шеќерот ќе се растопи и смесата ќе зоврие, полека додавајте го брашното со какао и мешајте.

Мешајте уште неколку минути додека смесата да се изедначи и брашното да се свари.
Додајте суво грозје, ореви… Излејте ја смесата во помала тепсија и израмнете. Кога малку ќе подизлади, исечете ја на коцки.

XI РЕЦЕПТ – Вкусна ГРИЗ АЛВА (Фотографија и рецепт на Татјана Јованоска)

Потребни состојки: 1 шолја зејтин, 2 шолји гриз, 3 шолји шеќер, 4 чаши вода, 1 ванилин шеќер, 100 г ореви

Постапка: се загрева маслото и се пржи гризот колку да зарумени, а во друг сад се става водата со шеќерот да зоврие. Во зовриената вода се става пржениот гриз и се меша додека да згусне. На крај се додава ванилин шеќер и ореви.

XII РЕЦЕПТ – Невестинска торта/свадбарска алва/бабино благо – 4,3,2,1-едноставен колач / Фотографија и рецепт на Благица Горгиева; Фото: Драгица Манева

Невестинската торта ја правеле порано еден ден после свадбата. Ова е најстариот свадбарски македонски рецепт.

Потребни состојки: 1 чаша масло, 2 чаши гриз, 3 чаши шеќер, 4 чаши вода *се користи иста чаша за мерка

Постапка: се пропржува гризот со маслото да зарумени, со постојано мешање. Мора да се внимава да не загори. На страна се вари шербетот: се меша додека да се растопи шеќерот и да зоврие. Некој става и еден ванилин шеќер.

Напомена: оригинално оди три шолји шеќер со четири шолји вода, но во поново време некои ставаат пет шолји вода. Во пржениот гриз постепено може да се додаде и една кесичка сусам и тој да се пропржи, но не мора. Ова по вкус. Потоа се додава шербетот со постојано мешање.

Внимавајте, прска, па затоа бидете претпазливи и намалете го огнот. Кога ќе згусни и ќе почне да се одвојува од ѕидовите на садот, тогаш е готово. Некои додаваат лешници или ореви или нешто друго по желба, но оригиналниот рецепт е 1,2,3,4. Смесата се излева во малку намастена тепсија или се прават форми во калап (со задната страна од цедилката за лимон).

XIII РЕЦЕПТ – ТААН АЛВА – рецепт од 3 состојки, да знаев колку е лесно, одамна ќе ја правев: Нешто многу брзо, а добивате оригинален вкус!

Потребни состојки: 1/3 ладно цедено сусамово масло, 1/3 мед, 1/3 мелени ореви

Постапка: Во дрвен сад, со дрвена лажица лесно соединете го сусамовото масло и медот. Кога ќе се добие убава паста, додадете мелени ореви и повторно внимателно соединете.

Таан алва (арапски ḥalwā, ‏حَلاو‎) изворно претставува вид на благо кое потекнува од Арапските земји, но се смета дека е турски производ. Како десерт најмногу се приготвува во Босна и воопшто на Балканот, Северна Африка, и Централна Азија.

На Балканот најчесто ја сретнуваме онаа од сусам, која ја има и во Европа и Америка, а од жито се сретнува во Иран, Пакистан и Индија, како и алва со јајца и шеќер карактеристична за Грција и Турција. Оригинално се прави од таан (мелено семе од сусам), мед (може и обичен шеќер, гликозен или фруктозен сируп) и растително масло.

По желба може да се додаде ванила, какао, ‘фстаци, ореви, лешници, суво грозје итн., а можете да си направте и црно турско кафе, одлично одговара. Семето од сусам содржи незаситени масни киселини, белковини, Витамин Е, Б во форма на никотинска киселина, минерали како калциум, калиум, магнезиум, фосфор и железо.

Исто така содржи и лецитин кој одлично делува врз нервните клетки и нервите во мозокот, овозможува полесно излачување на токсини преку кожата, ја подобрува циркулација и поволно делува на работата на ендокрините жлезди. Ја подобрува циркулација и делува како афродизијак.

Таан алвата се препорачува против желудочни тегоби и проблеми со штитната жлезда, но и за луѓе кои страдаат од хроничен замор и имаат проблеми со меморијата.
Поради присутните незаситени масни киселини се препорачува за атеросклероза, бидејќи помага во разградување на наслагите од холестерол во артериите.

XIV РЕЦЕПТ – Превкусна алва со бадеми – потребни се само 3 состојки!

Потребни СОСТОЈКИ: 350 г сирови бадеми, 1 шолја кафеав шеќер, ½ парчиња лимон

Постапка: Бадемите оставете ги некое време во вода за полесно да ги излупите.
Се лупат бадемите, се сушат и се мелат ситно, па се става шеќер во тенџере со 5 лажици вода да се стопи. Се додаваат и бадемите и се меша.

Оставете да врие на послаб оган 5 минути со постојано мешање, додавајќи го и сокот од лимонот. Се остава да излади, па се става во мали калапи, а потоа се стега во фрижидер и јаде.