Рецепт и видео презентација на Гурман ТВ – Колач со банани и орео кекси. Полн погодок, и вкусо и изгледот – сè говори. Кој не би посакал ваков колач – предобар е. Наместо банани може да ставите ананас од конзерва, јагоди, малини, вишни или било кој друг плод по ваш избор.
Потребни состојки за подлога: 200 г орео кекси, 80 г растопен путер. Состојки за крем: 400 г слатка павлака за шлаг, 250 г маскарпоне, 10 г есенција ванила, 4 зрели банани, 4 јајца на собна температура, 200 г шеќер, сок од еден лимон, 70 г путер. Уште ќе ви биде потребно:
30 г желатин растопен според упатството, 250 г издробени орео кекси, 3 банани за декорација, 300 г сок од портокал и желатин 10 г . калапот во кој се приготвува овој колач е 21х21 см. Колачот треба да излади во фрижидер најмалку три часа. Постапка: 200 г орео кекси сомелете ги и прелијте ги со 80 г растопен и изладен путер.
Измешајте добро додека да се соедини смесата и добие конзистенција на влажен песок. Истурете ја на дното од калапот обложен со хартија, рамномерно распоредете ја и натапкајте ја со помош на дното од чаша, убаво да се стегне. Оставете во фрижидер околу 15 минути.
Во посебен сад со миксер изматете 400 мл слатка павлака додека убаво да се зацврсти како шлаг (не премногу) . Додадете 250 г маскарпоне, екстракт од ванила и продолжете да матете со миксерот додека да се соединат состојките. Во посебен сад ставете излупени четири зрели банани и прелијте ги со 70 г растопен и изладен путер.
Потоа додадете исцеден сок од еден лимон, 200 г шеќер и четири јајца претходно отстојани на собна температура. Изматете ги сите состојки со рачен миксер додека да добиете еднолична кашеста смеса. Смесата ставете ја на тивок оган да се вари околу 10-тина минути, за термички да се обработат јајцата.
Додека се вари смесата (на тивок оган) цело време мешајте со шпатула за да не загори. На страна растворете 30 г желатин со малку вода (според упатството на кесичката) и оставете 10-тина минути за да набубри. Потоа загрејте го во микробранова печка или на пареа додека да се растопи и стане течен и додадете го во смесата со банани и јајца.
Промешајте за да се изедначи, па истурете ја во кремот од шлаг и маскарпоне. Изматете со миксер за да се соедини смесата. Половина од кремот рамномерно распоредете го врз подлогата во калапот и израмнете. Одозгора наросете 100 г мелени-кршени орео кекси и вратете во фрижидер да се стегне 15 минути.
Во втората половина од кремот додадете 150 г мелени орео кекси и промешајте за да се изедначи. Смесата рамномерно распоредете ја врз орео кексите и израмнете. Вратете во фрижидер да се лади уште 15 минути. За тоа време исечете три банани и исечете ги на тркалца со еднаква величина.
Пригответе го проѕирниот желатин за да ги прелиете бананите: Во 300 мл сок од портокал додадете 10 г желатин претходно набубрен со неколку лажици вода (според упатството) и растопен на пареа. Промешајте го сокот и прелијте го врз бананите.
Колачот оставете го во фрижидер да се лади најмалку три часа, а најдобро преку цела ноќ. Потоа можете да го сечете на парчиња, коцки, штангли или триаголници со големина по ваша желба. Сите детали од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.