Најбрзиот чоколаден крем од само две состојки (Посно) за торти и колачи, а може да се послужи и како самостоен десерт во чаша…

Како што и самиот наслов говори, многу брз и вкусен крем со кој можете да филувате разни торти и колачи. Се надевам дека на многумина ќе им користи за посни слави или за денови на пост.

Можеби на повеќето овој крем им е добрo познат, бидејќи се користи како основа на бројни филови, меѓутоа, еве, нека послужи како потсетник.

Потребни состојки:

400 г чоколадо за готвење – посно
400 мл слатка павлака – растителна

*Секако, овој крем може да се приготвува и во масна варијатна, доколку користите полномасна слатка павлака и млечно чоколадо.

Постапка:

Во соодветен сад ставете ја слатката павлака и загревајте на тивко. Кога ќе загрее, но пред да зоврие, додајте го чоколадото кое претходно сте го изрендале или искршиле на ситни коцки.

Тргнете го садот од оган или намалете ја температурата на најтивко додека го мешате кремот, зашто не смее да зоврие. Мешајте додека чоколадото убаво да се растопи и соедини со павлаката.

Кремот се остава на собна температура да се излади, а потоа се става во фрижидер. Кога убаво ќе излади се мати со миксер на најсилна брзина.

Пред да се измати, може да се користи како прелив за торти и колачи, а доколку го изматите, добивате префин крем за филување.

Ова е навистина спас кога немате многу време.

Деталите околу подготовката можете да ги погледнете во видеото: