Жалфијата е многу лековита билка која расте самоникната по карпи и високи места, но може и да се одгледува. По другите краишта од Балканот се нарекува Кадуља, Славуља, Куш… а латинскиот назив е Salvia officinalis. Најдолу во текстот прочитајте како се користи и што се’ лекува оваа билка.

Потребни состојки за ВИНО:

1 литар добро слатко вино

100 г ситно сечкани свежи листови

Потребни состојки за тинктура:

½ литар ракија колку да ги прекрие листовите

Листови и цветови од жалфија колку да се наполни едно шише

Потребни состојки за чај:

1 чајна лажичка жалфија или 1 филтер кесичка

200 мл вода

Потребни состојки за ликер од листови

30 листови жалфија

2 листа босилек

3-4 каранфилчиња

2 лимони (рендана кора)

600 мл бело суво вино

500 мл ракија

300 г шеќер

ПОСТАПКА:

Во литар добро слатко вино ставете 100 г ситно сечкани свежи листови жалфија и оставете 2-3 седмици на сонце. Процедете и складирајте во шише.

Се пие трипати дневно по 1 мала ракиена чашка, после јадење.

Тоа е одличен лек за нервна растроеност како и за брзо оздравување после операција и одреден напор.

Жалфијата може да се користи и како зачин, да се става во речиси сите јадења, а освен исклучителниот вкус, ваквите јадења стануваат и лековити.

Ако сакаме да ја засилиме лековитоста тогаш зимно време треба редовно да пиеме чај од жалфија.

Тинктура: Полно шише со сечкани листови и цветови од жалфија се прелива со ракија. Се остава 4 седмици на сонце или на топло место. Потоа се процедува и се затвора во шише.

Една голема лажица од оваа тинктура разредена со малку вода се користи за испирање на грлото и устата, а истовремено се зема по една мала лажичка во вода или чај.

ОБЛОГА: добро истолчена жалфија со листови од коприва – помага за чиреви и други инфекции.

ЛИКЕР од жалфија: сите состојки заедно се ставаат во поголема тегла и се остава 6 седмици на сенка. Се процедува низ цедалка и со дупла газа, нека стои уште 4-5 месеци пред употреба.

ЧАЈ од жалфија: 1 чајна лажица од билката се прелива со 200 мл врела вода. Се поклопува и се остава 5-10 минути. Се процедува и се пие свежо приготвен чај.

ЛЕКОВИТОСТ:

Нејзините зељасти делови се полни со етерични масла кои всушност се носители на лековитоста. Силно мириса ако е „камењарка“ и доколку е изложена повеќе на сонце. Се берат само листовите, па од коренот таа повторно се обновува. Листовите брзо се сушат под сенка, но најлековита е свежата билка. Може да се одгледува и во саксија, но лековитите својства се помали.

Лекува и помага при многу болести: болки во вратот, воспалени крајници, воспалени непца и усна шуплина, воспалено ждрело, прочистува дишни органи, лекува гнојно воспаление на заби, ги јакне непцата и ги зацврстува забите, ја лекува слузокожата на желудникот, ги елиминира цревните проблеми, подуеност на стомак и дијареа, ја прочистува крвта, спречува мозочен удар и делува при одземеност, лекува грчеви, болести на рбетен мозок, тремор, поволно делува на бубрези, црн дроб, мочен меур, мозок, го регулира потењето, намалува нервна напнатост, отстранува гниди од коса.

Ги прочистува органите, лекува воспалено грло, крајници и слузокожа на уста и спречува непријатен здив.