Многу едноставно, брзо и лесно јадење, но пред сè многу вкусно и здраво. Брокулата и карфиолот остануваат во цели парчиња, но толку се меки, што се топат во уста. Во комбинација со другиот зеленчук, ова е едно многу здраво, вегетаријанско јадење кое ќе ве воодушеви со вкусот.
Може да го приготвите како прилог на главното јадење, но верувајте, толку многу е вкусно, што самото по себе може да го претставува главното јадење и не му треба ништо друго. Моите беа воодушевени кога првпат го пробаа и рекоа дека сакаат што поскоро пак да го направам. Подолу во текстот можете да го најдете видеото од подготовката, а еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 брокула со средна величина (зелена, со збиени китки, да нема ситни жолтеникави цветчиња), 1 главица карфиол (400 г), 1 лажичка сол, 2 супени лажици млеко, 1 главица кромид, малку масло, 130 г пиперки, 2 домати.
ЗА ПРЕЛИВ: 3 јајца + 1 лажичка сол, 5 лажици масло, 130 г брашно, 400 мл млеко, сечкан магдонос или копар, 150 г рендан кашкавал. За прилог-сос: 3 лажици мајонез, 3 лажици густ јогурт/кисела павлака, 2 чешниња лук, магдонос или копар
ПОСТАПКА: Зеленчукот добро измијте го под млаз ладна вода, исцедете го и исчистете го. Брокулата исечкајте ја на помали цветчиња, а кафиолот исечете го на приближно исти парчиња. Зеленчукот ставете го во вода која врие со една лажичка сол.
Додајте две лажици млеко и оставете повторно да зоврие. Од моментот на зовриење гответе уште две минути. На овој начин брокулата и карфиолот ќе омекнат доволно, но парчињата ќе останат цели без да се pacпаѓаат, но и карактеристичниот мирис ќе се yблажи.
На страна исечкјате главица кромид колку што можете поситно, па запржете го на малку масло со непрекинато мешање додека да омекне и да се карамелизира. Во меѓувреме, процедете го зеленчукот или извадете го со решеткаста лажица и распоредете го во малку намастен огноотпорен сад со средна величина.
Одозгора наросете со уште малку масло, промешајте, па одозгора распоредете го испржениот кромид, ситно сечкани пиперки (на лентички или коцки) и домати сечкани на парчиња со големина на залак.
ЗА ПРЕЛИВ: Во подлабок сад скршете три јајца и пенасто изматете ги со жица-маталка. Додајте една лажичка сол и 5 супени лажици масло, па добро изматете да се соединат состојките. Потоа постепено започнете да додавате 130 г брашно. Ќе добиете густа смеса.
На крај додајте половина од млекото (200 мл), промешајте за да се раствори смесата и да нема грутчиња од брашното, па додајте го и остатокот, уште 200 мл. Ситно исечкајте една или половина китка магдонос, па додајте во преливот и промешајте.
Прелијте го зеленчукот, распоредете, па одозгора наросете 150 г рендан кашкавал и ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени, околу 40 минути. Послужете со сос приготвен од мешавина од мајонез, кисела павлака, ситно сечкан лук и магдонос. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.