Најубавото јадење од мелено месо – Како се прави гурманска плескавица? Ви го прикажуваме оригиналниот рецепт во презентација на „Најдобри Домашни Рецепти“ – НДР. Дознајте како чекор по чекор можете да ги направите плескавиците за само неколку минути.
Потребни состојки за една плескавица: 300 г мелено мешано месо, сол и црн пипер по вкус, 1 лажичка црвена толчена пиперка (буковец), 1/2 главица кромид, 2-3 ленти сечкана сланина/панцета (околу една рака), 1 рака сечкан кашкавал
Постапка: Во подлабок сад ставете го меленото месо и посолете го, а потоа зачинете го и со малку свежо мелен црн пипер, една лажичка црвена толчена пиперка. Кромидот излупете го, а за оваа количина месо доволна ви е половина главица.
Колку можете поситно исечкајте го кромидот, па додајте го во меленото месо. Сланината и кашкавалот исечкајте на ситни коцкички, па и нив додајте ги во смесата. Земете со рака и добро измесете го месото за да се изедначат рамномерно сите состојки.
На крај треба да добиете фина, компактна смеса од мелено месо. Формирајте ја во топка, покријте ја со проѕирна фолија и оставете ја во фрижидер да одмори 2-3 часа додека да се соединат вкусовите и да се апсорбираат зачините во месото.
Даската на која ќе работите намастете ја со малку масло. Ставете ја топката од месо врз даската, па полека започнете со дланките да ја притиската за да ја сплескате и на тој начин да ја формирате плескавицата. Дебелината треба да и биде приближно еден центиметар.
На загреана и намастена грил-тава ставете ја плескавицата и печете ја по пет минути од секоја страна. Кога добро ќе се запече од долната страна, свртете ја и на другата страна, никако претходно. Кога е печена, плескавицата извадете ја и послужете ја топла со гарнир по ваш избор.
Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.