ФАНТАСТИЧЕН КОЛАЧ ОД ОРИЗ, без печење, многу го мешаат со сутлијаш, но според мене овој е повкусен. Рецепт на Марина од каналот Најдобри Рецепти. Интересно е што ретко имам сретнато ваков тип на колач, но морам да ви кажам дека е превкусен.
Главната состојка за колачот да излезе кремаст е всушност млекото, а останатите состојки се споредни како шеќер, желатин за стабилизирање, ванила, павлака… Во секој случај оваа торта/колач е нешто несекојдневно и е супер здрав десерт.
Не се работи за сутлијаш, ако на тоа помисливте. Ова е нешто сосем поразлично, но многу вкусно. Многу брзо се подготвува, и не се пече само се соединуваат сите состојки и се става на ладење во фрижидер. За овој колач ќе ви бидат потребни следниве состојки:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 мл млеко, рендана кора од лимон, 125 г бел ориз, неколку капки арома од ванила, неколку капки рум, 5 лажици шеќер, 1 кесичка желатин, 200 г павлака, вода по потреба.
ПОСТАПКА: Во тенџере на рингла ставете го млекото, па додајте ја ренданата кора од лимон. Доколку лимонот не е органски истретирајте го претходно со вода и сода бикарбона. Не треба да чекате млекото да зоврие, така што веднаш додајте го и оризот и малку промешајте.
Потоа додајте 1 и пол чајна лажичка арома од ванила, а потоа повторно промешајте и варете на тивка температура. Оризот се вари додека да нарасне и количината на млеко да се намали. Значи варите околу 15 – 20 минути, со повремено проверување да не ви загори.
Кога ќе се свари се трга од рингла, па се додаваат 5 супени лажици шеќер и неколку капки рум. Доколку не го сакате многу вкусот на рум, оваа состојка слободно прескокнете ја, аромата од ванила сама по себе дава извонреден вкус.
Промешајте, па оставете да се излади. Во друго тенџере додајте 4 лажици ладна вода во која ќе го потопите желатинот. Малку промешајте и почекајте да набубри околу 10-тина минути, па се става на пареа на рингла да се растопи.
Додека чекате желатинот да се растопи, изматете ја со миксер неутралната павлака додека да добие форма на шлаг. Не е лошо ако користите и слатка, но на тој начин колачот може да излезе премногу благ. Растопениот желатин се додава во изладениот ориз и се соединува.
Претходно изматената павлака се додава во смесата со ориз. Соединете ги со нежно мешање оризот со неутралната павлака, па смесата се прелива во калап со флексибилен обрач, со големина по желба.
Јас користам мал калап, онаков за чизкејк, па смесата се измазнува одозгора. Потоа калапот се става во фрижидер неколку часа да отстои за добро да се стврдне желатинот кој го држи колачот.
По ладењето, одозгора може да наросите со цимет или со некое киселкасто овошје. Лесен е за јадење, а парчињата сечете ги по желба. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.