РОЗЕН ТОРТА…Многу едноставен десерт без печење, освежителен и неодолив вкус…се топи во уста…Еве што ви е потребно:

Потребни состојки:

Готови кори за розен торта

За крем од ванила:

1,5 литар млеко
4 кесички пудинг од ванила (4х40 г)
10 супени лажици шеќер
250 г путер или маргарин
250 г шеќер во прав
рендана кора од лимон

За овошен крем:

250 г јагоди
3 супени лажици шеќер
300 мл вода
1 кесичка пудинг од ванила 40 г
сок од 1 лимон
50 мл овошен ликер (ако не го правите за деца, а може и без ликер)

Шлаг за премачкување:

200 мл слатка павлака
100 мл кисела павлака

Постапка:

Од 1,5 литар млеко одвојте малку во посебен сад каде ќе го промешате пудингот, а во остатокот од млекото сипете го шеќерот и ставете на оган да зоврие.

Кога млекото ќе зоврие сипете го пудингот и варете околу 3-4 минути со непрекинато мешање додека да згусне. Сварениот пудинг оставете го да се олади на собна температура.

Кога ќе биде млак, во пудингот додајте пенасто изматен путер со шеќер во прав, па со миксер соединете. Најпосле додајте ситно рендана кора од еден лимон. Првиот крем е готов.

Јас користев јагоди зашто ќерка ми ги сака, а ако се прашував јас ќе ставев вишни и малку ликер од вишни.

Овошјето што ќе го користите исчистете го од семки ако има и исечкајте го на ливчиња, додајте 3 лажици шеќер и сок од еден лимон, па ставете го да се динста на тивок оган.

Кога јагодите или овошјето ќе започне да испушта сок и кога целиот шеќер ќе се растопи земете рачен блендер и измиксајте колку да нема големи парчиња, а не мора да биде баш пире од јагоди.

Во посебен сад изматете 300 мл вода и една кесичка пудинг од ванила. Во оваа смеса излејте ги јагодите, мешајте неколку минути и тргнете од оган. И вториот крем е готов.

Во моето пакување што го купив за розен торта имаше 10-тина тенки кори.

Мачкајте ги така што на секоја трета кора ќе ставите овошен крем. Значи 3-6-9 мачкате со овошен крем, а сите останати кори вклучително и последната ги премачкувате со ванилин-кремот.

Колачот оставете го убаво да се стегне во фрижидер до следниот ден.

Мене ми се чинеше дека е низок колачот, па го пресеков на половина и половинките ги ставив една преку друга.

На крај измиксав 200 мл слатка павлака во која пред крајот од миксањето додадов 100 мл кисела павлака. Секогаш во шлагот додавам кисела павлака бидејќи многу ми се допаѓа тој освежителен, кисело-слаткаст вкус.

Тортата декорирајте ја по сопствен избор.