Рецепт и фото: Здрава трава

Рузмарин, Rosmarinus officinalis – Колач од лимон и рузмарин

За да ја одбегнеме анксиозноста или паниката, експертите советуваат да се држиме до секојдневната рутина. Во тоа ќе помогне, освен исклучениот телевизор и неделниот колач.

Преку работните денови предлагам препишување на стариот нотес преполн со рецепти а кој веќе поќе почнал да се распаѓа и некои букви му се избришани од масните дамки.

Токму тие рецепти се најдрагоцени.

Рузмаринот е билка која може секој да има, без разлика на климата во која живее. Лесно се размножува од гранчиња, доста е отпорен на различни крлиматски непогоди и различно тло.

Тоа е драгоцена, мирисна, зачинска, медоносна и лековита билка. Ако само четвртина е вистина од сето она што се говори за неа, таа е иделана состојка за колачите во овие кризни времиња.

Најдобрите, најпрецизните лаборатории се најточните, веднаш проверливи резултати, а тоа сме ние самите. Јас проверив и ефектите се многу задоволувачки.

Соседката ми глумеше инспериментално глувче, и дадов колаче преку ѕидот што нè спојува и ене ја, ја слушам како пее во дворот. Си мисли дека ако оптички се сокрила, никој не ќе ја слушне.

КОЛАЧ ОД ЛИМОН И РУЗМАРИН

Потребни состојки:

4 жолчки
4 белки
4 мали филџани за кафе шеќер
1 ванилин шеќер
2 лажици ситно исечкани ливчиња рузмарин
1 лимон – рендана кора
3 филџани брашно
½ прашок за печиво
1 филџан гриз
3 лажици лимонов сок за во колачот
3 лажици лимонов сок за глазура – шеќер во прав
2 филџани масло
1 филџан млеко
1 прстофат сол

Постапка:

Измаете цврст снег од белки и прстофат сол. Потоа изматете ги жолчките и додадете ги останатите состојки како што се наведени.

На крај внимателно со лажица додадете го снегот од белки и нежно промешајте за да остане смесата воздушеста.

Рамномерно распоредете ја смесата во намастен и набрашнет плех со средна или помала величина и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180-200 степени, 35-40 минути.

Температурата од рерната и времето на печењето сепак најмногу зависат од вашата рерна.

Печениот и изладен колач прелијте го бела глазура од густа мешавина од лимонов сок и шеќер во прав: во сокот постепено додавајте онолку шеќер во прав додека да добиете полутечна смеса.