Фото и рецепт на Јасна Мутиловиќ – вкусен колач со јаболка.
Се мати смеса од јајца, шеќер, јогурт и брашно, па половината се излева и се запекува во рерна. Потоа се распоредува филот од рендани јаболка и се прелива со остатокот од тестото и се допекува. Прекрасен колач.
Потребни состојки:
3 јајца
1 чаша (од 200 мл) шеќер
1 ванилин шеќер
1 чаша јогурт
½ чаша масло
2 чаши брашно
½ прашок за печиво
1 лимон – рендана кора
За фил:
8 големи рендани јаболка
100 г суво грозје + малку рум или вода
100 г мелени бадеми
1 чаша шеќер
1 ванилин шеќер
3 лажици гриз
1 лажичка цимет
Постапка:
Изматете пенасто три јајца со една чаша шеќер додека смесата да побели и згусне. Додадете ги останатите состојки и убаво соединете во еднолична смеса.
Плех со димензии 30х20 см намастете го со путер и наросете го со брашно, а вишокот истресете го. Излејте половина од смесата и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени 15 минути.
За фил: Сувото грозје претходно натопете го во рум или вода, па откако ќе набубри процедете ги. Јаболката излупете ги и изрендајте ги. Во поголем сад додадете ги сите состојки за филот и соединете ги.
Вака добиениот фил распоредете го рамномерно врз печената кора, а врз филот излејте го остатокот од тестото. Вратете во рерна да се допече на 170 степени 35 минути.
Потоа колачот оставете го во рерна уште 10 минути со отворена вратничка. Колачот кога ќе се олади наросете го со шеќер во прав и сечете го на парчиња. Преубав е.
Фото и рецепт на Јасна Мутиловиќ