Тортата е врв за сите љубители на домашните десерти кои се подготвуваат од најобични состојки, какви што ги правеа нашите баби. Еве што ви е потребно за Мињон тортата според рецептот на „Мигноне“:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ПРВА КОРА: 5 белки, 150 г шеќер, 200 г мелени ореви, 1 супена лажица брашно. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ВТОРА КОРА: 5 белки, 150 г шеќер, 200 г мелени печени лешници, 1 супена лажица брашно
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТРЕТА КОРА: 5 белки, 150 г шеќер, 200 г мелени бадеми, 1 супена лажица брашно. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ФИЛ: 15 жолчки, 15 лажици шеќер, 100 г чоколадо, 300 г путер. ЗА ЧОКОЛАДНА ГЛАЗУРА: 200 г чоколадо, 6 лажици масло
ПОСТАПКА: 1. Лешниците претходно испечете ги во рерна, извадете ја тенката кафена лушпа и сомелете ги. Бадемите прелијте ги со врела вода, излупете ги и испечете ги во рерна, внимавајте да останат светли. Можете да ги купите испечени и излупени.
2. Постапката е иста за сите три кори: изматете ги белките додека да станат пенести, постепено додавајте шеќер и матете додека тој да се растопи и да добиете цврст снег, па на крајот внимателно измешајте ги оревите/лешниците/бадемите и додајте една лажица брашно. Мешајте со лажица или шпатула за да остане смесата воздушеста.
3. Истурете во плех обложен со масна хартија и печете во претходно загреана рерна на 180-200 степени 20-тина минути.
4. Во меѓувреме подгответе го филот: жолчките изматете ги со шеќерот во крем, а потоа кремот сварете го 10-15 минути на пареа, па додајте го чоколадото кога ќе згусне и продолжете со мешање додека и тоа да се растопи и соедини. Оставете го настрана да се олади до собна температура и повремено промешувајте го за да не фати коричка.
5. Изладениот фил измешајте го со пенасто изматениот путер и филувајте ги корите: прво со ореви, на средина со бадеми, а одозгора ставете ја кората со лешници.
6. Покријте тенко со филот од сите страни, па кога малку ќе се излади премачкајте со чоколадна глазура.
7. За декорација, изматете го путерот и стопеното чоколадо (1:1) и користете шприц со ѕвездест додаток за да направите убаво порабување. Страните украсете ги со мелен гријаж или посипете мелени лешници.