Еден од најстарите колачи кои денес сè уште се приготвуваат.
За да направите совршени тулумби, мора да знаете колку маслото за пржење треба да биде загреано, сирупот/шербетот треба да биде добро изладен, маслото помеѓу две пржења треба да се излади за да не подгоруваат тулумбите.
Најпрво се приготвува сирупот за да има време убаво да излади. Исто така, густината на тулумбите е многу важна, а и смесата која се вари на шпорет треба добро да биде сварена. Еве кои состојки ви се потребни:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ШЕРБЕТ: 1,5 чаши вода (300 мл), 2,5 шолји шеќер (450 г), 2 парчиња лимон.
ЗА ТЕСТО: 3 чаши вода (600 мл), 3 големи лажици масло (30 мл), 3 големи лажици шеќер (60 г), 2,5 шолји брашно (300 г), 1/2 шолја нишесте (густин) 60 г, 1 кесичка ванила.
ПОСТАПКА ЗА ШЕРБЕТ: Ставете вода и шеќер на оган, па откако ќе проврие варете околу 5 минути за да се добие убав леплив сируп. Тргнете од оган, додајте го лимонот за убав вкус, па оставете на страна да се лади.
Кога ќе постигне собна температура ставете го во фрижидер, потребно е да биде добро изладен.
ЗА ТЕСТО: Маслото и водата измешајте ги и ставете на оган да зоврие во поголемо тавче. Потоа намалете го огнот и додајте го шеќерот, па постепено започнете да го додавате брашното низ просо, а на крајот додајте ги и густинот и ванилиниот шеќер.
Со мешање сварете го тестото додека да згусне и да се соединат состојките. Ќе добиете фина топка, потврдо тесто.
Оставете го на страна да се олади, па кога ќе биде млако, започнете да го разработувате. Замесете го тестото уште малку додека да стане потврдо (треба да биде добро замесено).
Во широк сад ставете 1 литар масло и загрејте го да биде млако. Наполнете го шприцот за тулумби со тестото, ставете ѕвездест продолжеток со широки „запци“ и истискувајте директно во загреаното масло,
А, можете и претходно да ги исечете во некој поширок послужавник (тестото е цврсто и не се губи формата од запците), па потоа да ги спуштате во загреаното масло. На овој начин речиси сите истовремено и рамномерно ќе се испржат.
Сечете ги тулумбите со ножици. Ако сакате поизразени ребра, тогаш користете ѕвездест продолжеток со потесни „запци“. Пржените тулумби кога ќе добијат златножолта боја вадете ги во претходно приготвениот и изладен сируп.
Промешајте ги за рамномерно да се натопат во сирупот, а после една минута извадете ги со решеткаста лажица.
Најдобро е тулумбите да ги пржите во две тавчиња, наизменично, така процесот ќе оди многу побрзо, ќе пржите поголема количина одеднаш, а и тулумбите ќе излезат сите еднакви. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.