МЕ ОСТАВИ МЕНЕ И ДЕЦАТА ЗА ПОМЛАДА…

Почитувани, веќе подолго време околу две години имам брачни проблеми со сопругот поради негова врска со друга жена.

Инаку, бракот запчна од љубов. Се појави таа помлада жена од мене и се` се претвори во хаос, дури и физички ме нападна пред децата. Не може ниту да ме гледа во лице, до толку му е се` замрачено.

Домот ми се растура. Пред некое време се исели од заедничкиот дом. Веќе поднел и тужба за развод на бракот во кој имаме две малолетни деца на возраст од девет и единаесет години.

Децата го бараат и молат да си дојде дома, ама, како да не слуша. Умот му е земен по помладата девојка.

Трпев, се молев, се надевав дека ќе ни се врати, ама во очај ме доведе веста, дека по совет на негови роднини, а тој ми соопшти, ќе го раскинел и црковниот брак сакала јас или не, односно свештеникот ќе не развенчал и тој ќе можел да ја венча другата жена во црква.

Инаку, Се молам редовно, постам се причестувам се исповедам, читам молитвеник, библија.

Ги воведов и дечињата во црквата.Се молиме сите тројца редовно. Што најмногу бараат? Тато да си дојде дома !

Конкретното прашање е:

Дали во црковната пракса е можно да ме развенчаат пред Бога само по барање на еден сопружник и веднаш потоа да го венчава со друга жена?

Кои се критериумоте за црквата да го прифати тоа?

Ве молам и за совет, свештеникот и другите кои читате, како да успеам да си го сочувам бракот?

И покрај неверството јас му простив и се` уште го сакам и силно се молам да се врати, да ни се врати радоста во домот, повторно да живее со нас. Ве молам за одговор .

Господи Исусе Христе сине Божји помилуј ме мене грешната.

Ве молам помогнете ми!
Ве молам, ве молам сите за помош…

Одговор на отец Горан Стојчевски:

Слава на Бога и покрај вашата состојба сте подготвени да го зачувате бракот, бидејќи за вас бракот е света тајна, а тоа сте го потврдиле со вашето воцрковување и воцрковувањето на вашите деца.

Не отстапувајте од молитвата и од светите Тајни на Црквата, а Бог ќе исправи онака како што е најдобро за вас. Големо е вашето трпение и жртва.

Во пракса Црквата го потврдува и граѓанскиот брак, како и граѓанскиот развод и ја утврдува таа фактичка состојба, сепак бракот во Црквата е света тајна, а разводот е можен само заради прељуба, но ако и таа се прости и има покајание тогаш нема потреба да се разведе, но затоа треба да се согласни двете страни.

Но, сепак ако вие сте подготвени да простите, а сепак прељубата продолжи т.е. нема покајание, таа прељуба ќе си продолжи и за секаков благослов си ја затвораме вратата токму заради непокајанието и во тој случај нема да стане збор за прељуба само на вашиот сооруг, туку како и сега, и за прељуба од страна и на личноста што е со него, а тоа не може во никој случај да се нарече брак, без разлика дали ќе може да биде склучен, ќе биде лажен.

Оти Бог гледа на срцето, правните формалности, макар и црковни се најмалку важни. Во ваков случај ЦРКОВНИОТ СУД ТРЕБА И ВАС ДА ВЕ СОСЛУША, а не само да ја констатира состојбата на развод.

Но, најважно е ако нечија упорност во гревот по слободна воља е голема и ако некој не сака да се покае не може ништо да се стори освен да се надеваме дека ќе се пројави покајание.

Со сила никого и ништо не можеме да вратиме назад. Ако нечија одлука е слободна и покрај сѐ, добра или лоша треба да се почитува.

Вие го оставате вашето срце отворено и вашите молитви се со него тоа е најважно, понатаму предадете се на Божјата грижа, сѐ ќе ви биде надоместено и преблагословено само верувајте.

Бог сите нѐ отрезнува затоа бидете истрајни и без разлика на исходот останете си со вашиот и литургискиот живот на децата во Црквата.

Текстот е превземен интегрално и со дозвола од порталот Покајание