Фото и рецепт на Александра Шуманова – Матурантска торта

Рецептот за оваа прекрасна и декоративна торта ни го претстави нашата драга членка Александра Шуманова во групата НМД рецепти. Тортата се прави со кори од белки и ореви, а се филува со крем од жолчки и пудинг од ванила. Многу вкусна и свечена торта.

Потребни состојки х2:

5 белки
100 г шеќер
100 г ситно сечкани ореви
2 лажици (40 г) брашно
5 г прашак за пециво ( ½ кесичка)
1 мало лажиче оцет (јаболкова киселина)

За фил:

10 жолчки
2 пудинзи од ванила
500 мл млеко
200 г шеќер + 1 ванилин шеќер
250 г маргарин/путер (на собна температура)
65 г чоколадо за готвење
50 г суво грозје

За декорација:

400 мл слатка павлака
јагоди или овошје по желба

Постапка:

Белките (на собна темпераура) пенасто изматете ги со шеќерот во цврст снег. Матете доволно долго додека шеќерот да се растопи а снегот да биде цврст и сјаен. Потоа додајте ги мелените ореви, брашното, прашокот за печиво и оцетот, па внимателно промешајте со лажица да се изедначат, но да остане воздушеста смесата. Рамномерно распоредете ја во намастен со путер и набрашнет калап (26 см) израмнете и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 15-20 минути. Повторете ја постапката за да направите уште една иста ваква кора.

За фил: Пудинзите растворете ги со дел од млекото, а остатокот заедно со шеќерот ставете го на оган да зоврие. Потоа додадете го растворениот пудинг и на тивок оган варете го со постојано мешање додека да се згусне. Тргнете го на стана, покријте го за да не фати коричка и оставете го целосна да олади.

Жолчките сварете ги на пареа убаво да се згустат како пудинг и оставете ги да се оладат. Путерот пенасто изматете го, па постепено додавајте го изладениот пудинг и продолжете да матите додека да добиете фин и нежен крем. На крај додадете го и кремот од жолчки и повторно измиксајте кратко додека да се изедначи смесата.

Филот поделете го на два дела. Во едниот дел додадете го чоколадото растопено на пареа (и подизладено), а во другиот дел сувото грозје (претходно натопено во рум или сок и исцедено). Ставете ги кремовите во фрижидер малку да се стегнат.

Редење: кора – ½ чоколаден фил – ½ жолт крем – кора – ½ чоколаден фил – ½ жолт крем – шлаг од слатка павлака и декорација по желба. Оставете ја тортата во фрижидер неколку часови убаво да се стегне и да се спојат вкусовите, па потоа послужете.

Фото и рецепт на Александра Шуманова