МАСТЧИЊА – Кој ги јадел како дете знае колку се вкусни…ФИНИ, МЕКИ И МНОГУ ВКУСНИ КОЛАЧИ СО МАСТ…Рецептот го научив од тетка ми која е мајстор за тесто, а нејзините излегуваат уште поубави од моите…Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:
1 кг брашно
500 мл млеко
200 мл газирана вода
3 супени лажици шеќер
1 супена лажица сол
1 јајце
1 коцка свеж квасец
околу 300 г маст
ПОСТАПКА: за рецепт 1:
Загрејте го млекото да биде млако. Одвојте малку и во него растворете го квасецот со малку шеќер и малку брашно. Оставете го настрана 10-15 тинути за да се активира и запени.
Во остатокот од млекото додајте ја газираната вода, остатокот од шеќерот, солта, жолчка и изматена (со виљушка) белка. Потоа додајте го активираниот квасец и постепено, малку по малку вмешувајте го брашното.
Треба да добиете меко тесто (не премногу), да се одвојува од ѕидовите на садот и да не се лепи. Покријте го и оставете го на топло место за да ферментира еден час или колку што е потребно за да го удвои волуменот.
Потоа малку премесете го и развлечете го во голема кора врз набрашнета површина, па премачкајте ја со мас или маргарин, и здиплете го како книга (како лиснато тесто):
од едната страна преку една третина од кората, па преклопете го од другата страна, така да добиете долгнавест праволаголник од три листа, а потоа и него превиткајте го на три или четири пати за да добиете на крај коцка.
Секоја нова површина при преклопувањето премачкувајте ја со маст. Спакуваното тесто завиткајте го во кеса и оставете да одмори во фрижидер 30 минути. Постапката повторете ја уште 2 пати.
После третото диплење и одморање, развлечената кора исечете ја на триаголници, а секој триаголник филувајте го со малку џем. Виткајте ги кифличките и редете ги во плех обложен со хартија.
Можете да ги правете и други облици, како коцки, триаголници и сл. Покријте ги и оставете ги да стасуваат 15-20 минути додека се загрева рерната на 200 степени.
Печете ги додека да заруменат, а потоа кога малку ќе подизладат посипете ги со шеќер во прав.
РЕЦЕПТ 2 – Потребни состојки за 10 лица:
1 лажица маст
1 прстофат сол
1 прстофат шеќер
1 лимон, сок и кора
200 мл ладна вода
2 јајца + 2 жолчки
50 мл сливова ракија
650 – 700 г брашно
200 – 250 г маст
Шеќер во прав измешан со ванила
Постапка:
Ставете една полна лажица маст, прстофат сол, прстофат шеќер, сок и кора од еден лимон, 200 мл ладна вода, ракија (исклучиво сливова), 2 цели јајца и 2 жолчки. Сето убаво замесете со прсти, па додадете 700 г меко брашно.
Количината на брашното зависи од величината на јајцата и лимонот, но како што веќе е познато, тестото не треба да лепи на раце. Тестото месете го околу 5 минути за да се активира глутенот од брашното и да стане меко, мазно и еластично.
Прекријте го со чиста сува крпа и оставете на собна темпеартура околу еден час да одмори.
Во меѓувреме пригответе ја маста: важно е да биде чиста. Се мати добро да стане пенаста и како намаз. Кога тестото ќе биде одморено, развлечете го со оклагија во правоаголник со дебелина од половина центиметар.
Рамномерно премачкајте ја кората со маста, па започнете со преклопување. Прво подолгата страна преклопете ја на половина, па премачкајте со маст. Потоа пократките страни превиткајте ги до половина и пак премачкајте во тенок слој маст.
Најпосле преклопете го тестото како книга и ставете го на малку набрашнета чинија, прекријте го со крпа и оставете во фрижидер да отстои еден час.
Сето ова мора да се повтори уште двапати, односно тестото треба да биде премачкано трипати и треба да одмора три часа на ладно.
Вториот и третиот пат не мора да се сучи толку тенко кората на 5 мм, туку на 1 см за да не се упропастат веќе направените тенки листови.
После третиот час ладење во фрижидер, тестото се развлекува во правоаголник и со остар тенок нож се крои од сите страни – инаку нема убаво да се разлистаат.
Во еден потег исечете го тестото на правоаголници со димензија 5х7 см и на секој во средината ставете по една лажичка џем од сливи (или по вкус), па колачот преклопете го на половина, без притискање, спојување или лепење.
Редете ги на плех обложен со хартија за печење, оставајќи простор помеѓу колачите бидејќи доста ќе нараснат.
Ртерната загрејте ја на 250 степени. На дното од рерната ставете метална чинија или мала шерпа со вода која во текот на печењето ќе испарува и така ќе имитира парна рерна која е идеална за печење на сите видови лиснато тесто.
Колачите се печат во загреана рерна околу 10-15 минути, малку да заруменат, по можност без отворање на рерната.
Печените колачи оставете ги да изладат во плехот, па наросете ги со шеќер во прав и ванила. Кога целонсо ќе изладат можете да ги редете во чинија.