Фото и рецепт: Beti Josi (Klara boss) – Манастирски колачи.

Уживајте во прекрасните МАНАСТИРСКИ МЕДЕЊАЦИ приготвени според рецептот на нашата драга пријателка Beti Josi. Како и сите други нејзини рецепти, така и овој, е едноставен и брз, но со неодолив вкус. Мерки на лажица.

Потребни состојки:

5 лажици вода
4 лажици мед
1 лажица свинска маст
1 полно лажиче сода бикарбона
200 г шеќер
500 г брашно
1 јајце
2 жолчки
1 прстофат сол
малку цимет и каранфилче

Снег за медењаците:

3 белки
9 лажици шеќер во прав
малку сок од лимон

Постапка:

Се меси убаво тесто од наведените состојки (медот се раствра со вода, се додава свонска маст, сода бикарбона, шеќер, јајце, жолчки, брашно и мирисни зачини) и се остава покриено еден час да одмори. Потоа тестото се премесува и се вадат делчиња со големина на орев (јас ги мерев, секое со отприлика 14 г), и се редат во плех обложен со пек-хартија. Се печат во загреана рерна на 180 степени додека да заруменат. Времето не е мерено, ќе треба одокативно, но сепак се работи за кратко печење.

Откако ќе се испечат медењаците, се приготвува снегот за глазирање: Се матат белките со миксер и потоа им се додава шеќерот во прав. На крајот се додава сокот од лимон и се мети уште 15-20 мин на пареа. Мешањето правете го на кратки периоди со лажица или миксер. Јас користев и лажица и миксер според потребата, бидејќи смесата се згуснува и се лепи на садот.

Ставајте на 2-3 пати во садот од медењаците и обложете ги од сите страни. Со прст или некоја алатка отстранете го вишокот и оставете ги врз пек хартија или целофан да се сушат. Работете брзо додека е топла/жешка смесата. Смесата е густа, така да не очекувајте мазна, ами ќе добиете една рустична глазура врз нив. Откако ќе се исушат на едната страна, превртете ги за да се исушат и од другата.

За мене овие медењаци испаднаа на текстура и на вкус подобри и од оние купечките. Глазурата е малку напорна за спремање и всушност само таа одзема време и поголемо внимание, но од срце ви ги препорачувам барем еднаш да ги пробате. Верувам дека нема да ве остават рамнодушни воопшто.

Фото и рецепт: Beti Josi (Klara boss)