Сексот во брак е феномен кој во модерно време ретко се среќава во јавен дискурс. Опширно се говори за интензитетот на оргазмот, изгледот на гениталиите, положбата на телото и атмосферата која го следи патот кон „сигурен врв“, но, сексуалниот однос помеѓу долгогодишните сопружници денес е табу.

Низ историјата ова прашање заземало важно место во приватниот, но и во јавниот живот на оние кои се ветиле на вечна верност, па за поедини проблеми и „пикантерии“ од брачната постела често се расправало јавно. Импотенцијата тогаш била доволно силна причина за развод на бракот и аргумент посилен и од самото неверство.

Методите со кои мажите обвинети од напатените жени морале да ја докажуваат моќта на своето либидо – биле разновидни – од сложени медицински прегледи, па до јавно „вештачење“, со што на поротата и биле претставувани сексуалните способности на обвинетиот.

Црквата имала право да влезе во спалната соба

Се’ било осмислено за да може веродостојно да се дознае дали се исполнуваат „брачните обврски“, а публиката го следела изведувањето на доказите многу повнимателно отколку што денес пред малите екрани се следат врелите акции во тв-реално шоу.

Ваквите настани се одржувале под покровителство на црквата, бидејќи „светата институција –бракот“ од страна на свештенството е означена како единствена сфера во која еротиката и сексот се дозволени и пожелни. Секако, само во репродуктивни цели. Ако некој од сопружниците бил трајно неспособен за сексуален чин, лесно би можел да биде обвинет за непростлив грев кон партнерот.

Црквениот брак, како и денес, бил склучуван со однапред пропишани канони. Христијаните кои во текот на Средниот век стапувале во споменатата заедница, се согласувале на моногамна врска која можела да се раскине само во исклучителни околности.

Негова основна цел било создавање на потомство и канализирање на телесните потреби. Ако мисијата на бракот била безуспешна, поништувањето на бракот била реална опција.

Доколку жената се пожалела на сексуална немоќ кај својот маж, црквата тогаш пропишувала тригодишен надзор. Па така „осомничениот“ добивал време и нова шанса за да го испере срамот од себеси. Свештениците во тој период ја следеле состојбата во интимниот живот на венчаните, трагајќи по причината и лекот.

Невиност – несоборлив доказ

Жените за добивање благослов за развод морале да докажат дека не се виновни за лошиот сексуален живот. Најлесниот излез од лош брак бил видниот доказ дека бракот на е консумиран, што автоматски значело дека проблемот лежи кај партнерот.

Еден од тестовите подразбирал пиење на диуретици. Имено, тогашната наука функционирала под закрила на црквата, а владеело мислење дека уринарниот систем кај мажите и жените е идентичен.

Доколку се појавела брза и силна потреба за мокрење, тоа според верувањето бил јасен знак дека невиноста отишла во неповрат. Во спротивно, жената би била ослободена од сомнеж дека дотогаш имала некакво сексуално искуство.

Втор начин за бекство од лош брак било обвинување на мажот за импотенција. Тогаш врз него бил извршуван физички преглед во кој „луѓе од струката“ описно ги утврдувале карактеристиките на половиот орган, а потоа и својствата кои се имаат или немаат.

Бидејќи и двата начина биле долги и прилично срамни, па не чуди фактот што средновековните луѓе тешко се одлучувале да побараат развод од црквата.