Овој колач буквално се топи во уста, кремаст е и богат со многу интересни вкусови. Бисквитот се пече многу кратко и не содржи брашно, зашто се прави од мелени ореви и кокос, а кремот е многу нежен и чоколаден.

Може да се послужи само после неколку часа во фрижидер. Секој што го пробал се воодушевил. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за бисквит (за калап 32х23х5 см): 6 белки, 6 лажици шеќер, 100 г ситен кокос, 100 г мелени ореви, 1 кесичка прашок за печиво (10 г).

ЗА КРЕМ: 6 жолчки, 6 лажици шеќер, 2 ребра чоколадо за готвење, 200 г путер, 200 мл слатка павлака, 2-3 шлаг пени

ПОСТАПКА за бисквит:

Во посебни садови одделете ги белките од жолчките. Жолчките покријте ги да не се сушат и оставете ги во фрижидер за подготовка на кремот, а белките пенасто изматете ги со миксер.

Кога ќе добиете густ шаум, во белките започнете да го додавате шеќерот лажица по лажица, додека непрекинато матите. Кога ќе добиете цврст и сјаен снег кој не паѓа од садот кога ќе го превртите, започнете постепено да ги додавате сувите состојки.

Овојпат не ви е потребен миксер, а треба да мешате со лажица или шпатула. Најпрво додајте ги мелените ореви во неколку наврати, а потоа и кокосот. Мешајте бавно, со превртување на смесата од долу кон нагоре, за да се сочува пенливоста.

Кога ќе се изедначи, истресете ја врз подготвен калап обложен со хартија за печење, распоредете рамномерно и израмнете, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 190 степени, 10-15 минути.

ПОСТАПКА за крем:

Во жолчките додајте шест лажици шеќер, па пенасто изматете ги со миксер додека шеќерот да се растопи и смесата да згусне, осветли и стане кремаста.

Смесата ставете ја врз тенџере со врела вода (на пареа), па сварете го кремот со непрекинато мешање додека да згусне.

Додајте го чоколадото искршено на коцки и мешајте додека да се растопи и инкорпорира.

Сварениот крем тргнете го настрана и оставете го да се олади до собна температура со повремено промешување за да не фати коричка, или пак, покријте го со проѕирна фолија.

Путерот исечкјате го на листови и оставете го да омекне на истата собна температура. Во посебен сад измиксајте 200 мл слатка павлака додека да добиете шлаг (не матете премногу долго, зашто шлагот ќе стане путерест).

Во изладениот крем додајте го омекнатиот путер, па заедно измиксајте ги додека да се соединат.

На крај додајте го шлагот и мешајте со лажица или шпатула до изедначување.

Кремот рамномерно распоредете го врз оладениот испечен бисквит, па преку кремот нанесете шлаг пена изматена според упатството на кесичката. Оладете пред послужување. Рецепт на Мими Атланта / Сооlinarika.сom