Ја доведов мајка ми да живее кај мене, засекогаш. Не планирав ништо однапред, еден ден така ми дојде, решив и ја доведов, со еден куфер. Во куферот имаше топли хулахопки, папучи на кои имаше извезено “Најдобрата баба во светот” (подарок од моите деца), топол фустан за по дома, ноќница, и, од некои причини, навлака за перница.

Мама се сетила и сето тоа го спакувала. Веќе три седмици живее кај мене таа стара девојка, која како повторно да има четири години. Ситна, малечка со снежно бела пунџа, во хулахопки малку поткинати околку глуждовите, шетка по станот, тапка во своите топли папучи.

Внимателно застанува на прагот од собата, па високо ја подигнува ногата и преминува преку некоја невидлива препрека. Му се смешка на кучето во ходникот. Слуша невидливи луѓе и секојдневно ми раскажува новости за нив. Се срами и многу спие.

Го крицка чоколатцето кое секогаш и го оставам во собата и си пие чај. Шолјата ја држи со двете раце, зошто дланките и треперат. Страшно се плаши да не ја изгуби бурмата, да не и падне од тенкиот прст, па постојано проверува дали е на местото.

Одеднаш гледам колку е стара и беспомошна. Едноставно се препушти, се предаде и престана да биде возрасна. Сосем ми го довери својот живот, до најмалата ситница. Најсреќна е кога јас сум дома. Кога ќе дојдам, таа воздивнува со толкаво олеснување, што тоа ми дава сила да не се откажувам и долго да опстојам.

И повторно, секој ден варам супа за ручек, како на децата во детството, и повторно на масата редовно има чинијата со колачиња. Што чувствувам? На почетокот тоа беше у-жас. Беше толку независна, три години откако го загубивме татко ми, таа сакаше да живее сама.

Ја разбирав – првпат во животот, во 80-тата година, мојата мајка го правеше она што си сакаше. А тогаш тој прок-лет вирус ја скр-ши мајка ми. Двата месеци боледување си го направија своето и нејзината психа попушти. Сега чувствувам сожалување кон тоа нежно, драго битие.

Чувствувам само љубов и нежност. Добро разбирам кон што води тоа, но искрено сакам на тој пат таа да биде среќна – со саканата ќерка, во топлината и угодноста на мојот дом. Со домашни пити и колачи. Другите работи и онака веќе не и се важни.

Сега дома имам ќерка од осумдесет и три години и среќна сум што Бог ми даде можност да ја усреќам на нејзиниот залез, а мојот живот да биде посмирен, без каење. Мама, ти благодарам што си со мене. Те молам, остани што подолго… Автор на текстот: Мила Милер.