Заборавете на еклерите! Оваа неверојатна торта е 100 пати подобра, а толку едноставно се приготвува. Исто така, задоволството трае подолго, затоа што можете да исечете 1, 2, 3…парчиња со големина која вам ви одговара.
Изгледа прекрасно, а има уште подобар вкус, па веруваме дека ќе стане вистинска „ѕвезда“ на секој празник или прослава. Делува гламурозно според изгледот, но исто таква е и со вкусот. Па, еве го рецептот:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТО: 140 г брашно, 125 мл млеко, 125 мл вода, 120 г путер, 10 г шеќер (една супена лажица), 5 г сол (една чајна лажичка), 4 јајца (и калап/плех со димензии 25х30 см).
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА КРЕМ: 500 мл млеко, 2 јајца, 50 г брашно, 50 г путер, 10 г ванилин шеќер (една кесичка), 120 г шеќер, 200 мл течна слатка павлака за шлаг. За декорација: 20 г топено чоколадо, 20 г карамел бонбони – растопени
ПОСТАПКА: Во едно подлабоко тенџере ставете млеко, вода, шеќер, сол и путер и загревајте додека да зоврие, па намалете ја температурата и додајте го брашното со непрекинато мешање додека да се формира компактно тесто кое се одвојува од ѕидовите на садот.
Тестото истурете го во посебен сад за полесно и побрзо да се олади. Кога целосно ќе се олади (или ќе биде минимално млако), започнете да ги додавате едно по едно јајцата. Матете додека јајцето целосно да се инкорпорира во тестото, а потоа додајте го следното јајце и продолжете со матење.
Плехот или калапот кој ќе го користите за печење обложете го со хартија за печење. Потоа излејте го тестото во него, рамномерно распоредете го, но обложете ги и ѕидовите на садот за да добиете еден вид „корпа“ која подоцна ќе ја исполните со вкусниот крем.
Тестото ставете го да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу половина час, но не заборавајте дека и ова тесто исто како за еклерите и принцес крофните, при печењето не смее да се отвора вратничката од рерната. После половина час проверете, и доколку убаво е зарменето тестото извадете ги и оставете го да се олади.
Сега подгответе го кремот: Во еден подлабок сад измешајте брашно, шеќер, ванилин шеќер и јајца. Добро изматете да нема грутчиња, а ако ви е многу густо, додајте малку ладно млеко кое сте го одзеле од вкупното. Остатокот од млекото ставете го на оган. Кога ќе зоврие додајте ја приготвената смеса и мешајте непрекинато додека да згусне како пудинг.
Тргнете го тенџерето од оган и додека сè уште е врел кремот во него додајте го путерот и мешајте за да се растопи и инкорпорира. Префрлете го во друг сад за полесно да се излади и прекријте го со проѕирна фолија за да не фати коричка. Во посебен сад изматете ја течната павлака како шлаг.
Лажица по лажица додавајте во изладениот сварен крем и мешајте со превртување за да добиете нежен, мек крем (доста ќе омекне кога че се соединат двете смеси). Излејте ја смесата во изладеното тесто и ставете ја тортата во фрижидер да се олади, најмалку два часа.
Потоа чоколадото и карамел бонбоните ставете ги во посебни кесички за замрзнување, па ставете ги во зовриена вода за да се растопат. Потсечете многу мал агол на кесичките и направете шари врз тортата, наизменично со чоколадото и карамелот.
Оставете ја тортата уште малку да излади, па сечете ја и послужете ја. Сите деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.