Лесковачка мучкалица се приготвува на многу начини, но кај оригиналниот рецепт месото прво мора да се испече на скара, па потоа во земјена, глинена тава се крчка заедно со зајрето.

Потребни состојки:

200 г кременадла без коски
200 г јунешко или телешко без коска
200 г свинско месо без коски
2-3 главици кромид
500 г пиперки бабури
2-3 домати
1 луто пиперче
Магдонос, сол, црн пипер, масло

Постапка:

Месото исечете го на коцки (2х2 см) па испечете го, најдобро на скара, но ако не сте во можност тогаш во тава. Потоа посолете и запиперете.

Исечкајте го кромидот ситно, пиперката и доматот на коцки па додадете ги на  месото и додадете малку вода (половина чаша).

Сето заедно крчкајте го околу 3 часа, најдобро во глинена или керамичка тава со капак.

Лутото пиперче не мора да го исечете во ова јадење ако не сакате луто, но Лесковачка мучкалица не е ако не е лута.

Додека се готви немојте да мешате, бидејќи ова јадење не се меша туку се „мучка“, поточно се протресува садот лево-десно.

На крај додадете сечкан магдонос.