Сите знаеме колку е вкусна питата наречена “лења пита” со јаболка. Мене ме потсетува на детството и многу ја сакам. Се надевам дека ќе ви се допадне овој рецепт, бидејќи е едноставен и нема месење на кори.
Исто така, не ви е потребна вага, бидејќи како мера се користи чаша од 180 – 200 мл (јогуртна чаша).
Потребни состојки: 2 јајца, 1 чаша јогурт или млеко, 1 ванилин шеќер, ½ чаша масло, 2 ½ чаши брашно, 1 прашок за печиво, 1 лимон – рендана кора, 1 кг јаболка, 1 цимет + 3-4 лажици шеќер
Постапка: Јаболката добро измијте ги, излупете ги изрендајте ги. Ставете ги во тава да се пропржат со 3-4 лажици шеќер и малку цимет по вкус. Пржете ги додека да омекнат и течноста да испари. Додека тие се крчаат, пригответе го тестото.
Двете јајца изматете ги со миксер заедно со една чаша шеќер и еден ванилин шеќер. Потоа додадете една чаша јогурт (ако немате јогурт, може да ставите млеко), половина чаша масло и една чаша брашно. Изматете со миксерот, па додадете уште една чаша брашно, прашок за печиво и изрендајте малку кора од лимон за вкус.
Изматете уште еднаш со миксер за да се изедначи смесата. Половина од добиената смеса излејте ја во намастен и набрашнет плех со средна величина (34х21 см), и со подигање на плехот под различни агли – рамномерно ќе ја нанесете.
Се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 10-тина минути. Врз печената кора ги нанесувате изладените јаболка, а по желба можете да ставите и 2-3 лажици некој џем, но во тој случај скратете од шеќерот за да не биде пресладок колачот.
Потоа се нанесува вториот дел од тестото, се израмнува рамномерно и се враќа во рерна да се пече на 180 степени, околу 20-30 минути или додека убаво да зарумени одозгора. Печената пита оставете ја да излади, па потоа исечете ја и наросете ја со шеќер во прав.
Деталите погледнете ги во видеото: