ЛЕДЕНИ КОЦКИ – преубав, сочен и проверен рецепт. Ледените коцки се старински колачи со многу кремаст вкус. Нашите баби и мајки ги подготвуваа на најразлични начини, некои додаваа овошје, а некои ги правеа само чоколадни..




Од овој рецепт излегуваат колачи за најмалку 10 лица, доволно за кога ќе ви дојдат гости или имате некоја прослава. Во продолжение може да прочитате два рецепти кои се неверојатни по вкус, се топат во уста, а вие одлучете кој рецепт ќе го подготвите, но нема да згрешите кој и да го одберете.




Потребни состојки за кора: 7 белки, 7 лажици брашно, 7 лажици шеќер, 1 кесичка прашок за печиво. За преливање: топло млеко, 3 лажици шеќер. За фил: 7 жолчки, 7 лажици шеќер, 5 лажици брашно, 250 мл млеко, 150 г маргарин.




Постапка: Изматете ги белките со миксер во цврст снег и додајте прстофат сол при процесот на матење. Пред крајот кога веќе ќе се формира тврда пенаста структура полека започнете да додавате 1 по 1 лажица шеќер и продолжете со матење додека шеќерот да се растопи.




Кога ќе се растопи шеќерот продолжете со додавање на другите состојки со лажица и со неа мешајте. Постепено додавајте лажица по лажица брашно, измешано со прашок за печиво. Соединете сè во еднолична смеса.




Во помал или среден лимен сад, обложен со хартија за печење, распоредете ја смесата и печете во претходно загреана рерна на 180 степени, 15-тина минути. Оладената кора избоцкајте ја со чепкалка за заби и прелијте со преливот од топло сварено млеко и растопен шеќер.




За фил: Пенасто изматете ги жолчките со шеќерот, додајте го брашното, измешајте и се ставете во зовриено млеко. Гответе на тивка температура со повремено мешање додека кремот да згусне како пудинг. Кога смесата ќе се олади, изматете маргарин со миксер и соединете заедно со кремот.




Кремот се прелива врз кората во подебел слој, добро се распоредува и се става во фрижидер да одмори некои 2 часа. / Coolinarka.com




Бели ледени коцки: Овој рецепт нема конкуренција! Десерт кој повторно и повторно ќе го правите. Освежителен колач кој се топи во уста, нема да ве остави рамнодушни.

Потребни состојки за крем: 1 литар млеко, 7 жолчки, 7 лажици шеќер, 2 ванилин шеќер, 9 лажици брашно, 250 г маргарин/путер.




ЗА КОРА: 7 белки, 7 лажици шеќер, 1 ванилин шеќер, 7 лажици брашно, 1 прашок за печиво, 130 мл млеко за натопување. За декорација: 300 г слатка павлака или шлаг.

Постапка: Во жолчките додајте шеќер и ванилин шеќер, па пенасто изматете. Дел од млекото додајте го во жолчките, а потоа и брашното, па убаво изматете и соединете да нема грутчиња.




Остатокот од млекото ставете го да се вари, па кога ќе зоврие тргнете го настрана, намалете го огнот, па постепено додајте ги приготвените состојки со постојано мешање. Сварете го кремот на тивко додека да згусне и тргнете го настрана покриен со проѕирна фолија додека да излади.

Изладениот крем изматете го со миксер, па постепено соедининете го со путер на собна температура исечен на коцкички. Добро соединете. Оставете во фрижидер добро да излади. За кора: белките пенасто изматете ги, па постепено додавајте шеќер и ванилин шеќер. Матете додека да добиете цврст сјаен снег.

Брашното помешајте го со прашок за печиво, па додадете го во снегот од белки и со лажица внимателно соединете, да остане смесата пенлива. Рамномерно распоредете во плех обложен со хартија и печете во загреана рерна на 180 степени 15-20 минути. Додека кората се пече, сварете го млекото за натопување. Печената кора прелијте ја со врело млеко и оставете да се впие.

Откако кората ќе се излади, одвојте ја од хартијата и префрлете ја на тацна за сервирање, по можност со мобилен обрач. Ако немате обрач, тогаш може и во тепсијата во која се печеше (во тој случај, пред печењето тепсијата само намастете ја и набрашнете ја, не ја обложувајте со хартија).

Врз кората нанесете го изладениот крем, па одозгора распоредете го изматениот шлаг. Најдобро е ледените коцки да преноќат во фрижидер пред позлужување. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.