Прекрасна кремаста торта, а кога убаво е изладена потсетува на најубавиот сладолед!

Потребни состојки:

За прв слој:

70 г путер
100 г црно чоколадо 70% какао
100 мл млеко
150 г мелени лешници
150 г мелени интегрални бисквити +-

За втор слој:

3 јајца
5 лажици шеќер во прав
2 ванилин шеќер
150 г путер
100 мл слатка павлака за шлаг
100 г мелени лешници

За трет слој:

400 мл слатка павлака за шлаг
200 г темно чоколадо 70% какао
30 г путер

Постапка:

Прв слој: Путерот растопете го со чоколадо и млеко, додадете ги лешниците и бисквитите. Добро измешајте за да се соединат состојките. Од смесата формирајте ја подлогата на тортата во калап за торти и оставете во фрижидер за да се стегне убаво.

Втор слој: Изматете ги жолчките со шеќер во прав и ванилин шеќер. Белките посебно изматете ги и додадете ги во жолчките, па ставете да се зготват на пареа 10-тина минути со постојано матење.

Оставете да излади па додадете го путерот и уште еднаш убаво измиксајте за да се соединат и да се добие убав крем. Изматете ја слатката павлака во шлаг, па додадете го кремот. На крај додадете ги лешниците и полека промешајте. Овој крем се нанесува врз изладениот прв слој и повторно се враќа во фрижидер.

Трет слој: Слатката павлака за шлаг загрејте ја до пред да зоврие. Тргнете од оган и додадете искршено чоколадо, па мешајте додека целосно да се растопи. Кремот изладете го, додадете путер и кратко измиксајте.

Овој дел се нанесува врз вториот и повторно се враќа во фрижидер. После 2-3 часа ладење тортата е спремна за дегустација.

Напомена:

-наместо лешници може да се стават ореви или бадеми.
-наместо интегрални бисквити може и некои други мелени бисквити.
-во вториот слој може да се додаде овошје по избор.
-ако сакате послатко, во подлогата може да додадете уште неколку лажици шеќер во прав.