Баклавата е една од омилените славски колачи кои се прават за секакви прослави и поводи. Особено во периодот на славите, баклавата е еден од најглавните десерти. Постојат повеќе начини за да ја подготвите баклавата, а процесот може да биде и малку подолг, за да го добиете совршениот вкус.
Рецептот на „Домашен готвач“ за лажната баклава е многу едноставен, а оние домаќинки кои го направиле велат дека колачот е превкусен. Може да се направи на два начина, првиот начин е во смесата за бисквитот да ставите ореви, а вториот начин е да ставите мак. Може да го направите по ваш избор, со што ви е повкусно, а целиот колач се прави за многу кратко време. Не се валкаат многу садови, а резултатот е совршен. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 1 и пол чаша шеќер (како мерка се користи чаша од 200 мл), 1 чаша масло, 1 чаша млеко, 1 и пол чаша гриз, 1 кесичка ванилин шеќер, 3 полни лажици брашно, 1 кесичка прашок за печиво, 1 и пол чаша мелени ореви, 1/2 чаша крупно сечкани ореви. ЗА ШЕРБЕТОТ: 1 и пол чаша шеќер, 3 чаши вода (вкупно 600 мл), 1 лимон.
ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад измешајте ги состојките за тесто. Најпрво скршете 4 јајца и малку разматете ги со жица/маталка. Додајте 1 и пол чаша шеќер и енергично измешајте до соединување на смесата, додека шеќерот малку да се растопи. Со истата чаша измерете 1 чаша масло, па излејте ја во смесата, па потоа додајте 1 чаша млеко.
Измешајте ги состојките додека да се соединат, па започнете да ги додавате сувите состојките. Додајте 1 и пол чаша гриз, додавајте ја постепено, додека смесата да почне да се соединува. Потоа истресете една кесичка ванилин шеќер, 3 полни лажици брашно, 1 кесичка прашок за печиво и повторно соединете. Содржината треба да стане малку погуста.
На крајот, додајте 1 и пол чаша мелени ореви и 1/2 чаша ситно сечкани ореви. Соединете ја смесата додека да стане хомогена, па оставете да отстои 10-тина минути на собна температура. Во меѓувреме вклучете ја рерната да се загрее на 180 степени. По изминатото време, излејте ја смесата во намастен и набрашнет, кружен калап (да биде малку поголем), израмнете и протресете го калапот од рамна површина за да излезат вишокот гасови на дното.
Кога рерната ќе се загрее ставете го колачот да се пече на 200 степени, околу 30-тина минути. По печењето, оставете го колачот малку да се олади, а во меѓувреме подгответе го шербетниот сируп. ЗА СИРУПОТ: Во едно помало тенџере ставете 1 и пол чаша шеќер и прелијте 3 чаши вода. Промешајте, па ставете го тенџерето на рингла, да почне водата да зоврива.
По првиот клуч, оставете сирупот да врие околу 5 минути, со повремено промешување. Тргнете го тенџерето од рингла и исечкајте 1 лимон на кругови. Ставете ги лимоните во сирупот и оставете да отстои 5 минути. Кога сирупот и бисквитот ќе бидат млаки, прелијте го сирупот врз бисквитот и одозгора наросете со ситно сечкани ореви.
Колачот може веднаш да го послужите или оставете го да отстои неколку часа на собна температура за добро да го впие сирупот. Така е многу посочен и повкусен, бидејќи сирупот го хидрира бисквитот и навлегува во внатрешноста на колачот. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.