Направете комбинација од вашите две омилени јадења и згответе ги во еден сад – ќе добиете многу вкусно јадење наречено „Лажен гулаш со ќофтиња“. Ова превкусно јадење ќе го воодушеви целото ваше семејство.

Има многу богат вкус, ќофтињата попримаат дел од сосот и навистина се многу сочни. Прилогот од компири кои се готват заедно во сосот со ќофтињата го прави ова јадење совршено. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за ќофтињата): 500 г мелено месо, 2 лажици лебни трошки (презла), 2 чешниња лук, 1 јајце и зачини по вкус. ЗА СОС: 1 поголема главица кромид, 3 чешниња лук, 100 г тркалца суви домати, 1 коцка супа, 250 мл вода, 250 мл доматно пире/сос, малку луто пиперче по вкус. И УШТЕ: 4 големи компири, 1 голем морков и по желба: 50 г маслинки и 20 г мариниран копар.




ПОСТАПКА: Во меленото месо додајте ги лебните трошки (презла), рендан лук или притиснат низ преса и јајце. Во оригиналниот рецепт не се додаваат зачини во месото, бидејќи ќофтињата треба да го впијат вкусот на сосот, но во зависност од вашиот вкус, додајте сол и црн пипер по ваш вкус.




Од смесата кинете парчиња и со помош на дланките обликувајте ги ќофтињата. Во широка тава загрејте малку масло на умерена температура, па испржете ги ќофтињата од двете страни по неколку минути додека да добијат убава златнокафеава боја.




Пржените ќофтиња вадете ги врз чинија обложена со хартиена салветка (да се исцеди вишокот маснотија) и тргнете ги настрана додека да го приготвите сосот. Во истата тава пропржете го ситно сечканото лукче, околу една минута, а потоа додајте го ситно исечканиот кромид.




Динстајте го кромидот додека да застакли и омекне, па додајте го сувиот домат и промешајте. Во помал сад изронете ја коцката за супа и додајте вода. Промешајте за да се раствори целосно, па течноста истурете ја во пржениот кромид.




Додајте го и доматниот сос и промешајте за да се распоредат состојките. Настрана ситно исечкајте една третина од чили пиперче, доколку го сакате јадењето попикантно, може да ставите и повеќе. Потоа посолете, запиперете и додајте уште зачини по сопствен вкус (сув зеленчиков зачин, италијанска мешавина..).




Кога сосот ќе започне да врие, додајте ги сечканите компири и морков, вратете ги ќофтињата и распоредете ги во тавата. По желба додајте маслинки и мариниран копар, па поклопете и продолжете со динстање уште 35-40 минути на умерена температура. Готовиот лажен гулаш наросете го со ситно сечкан магдонос и копар. Деталите погледнете ги ОВДЕ.