Фотографии и рецепт на Рената Трајчевска – Тorta cremosa alle mele e uvetta (кремозен колач со јаболка и суво грозје).
Рецептот за овој извонредно вкусен колач, брз, а сепак деликатесен со својот уникатен вкус од комбинација на неколку состојки, ни го претстави нашата драга пријателка Рената Трајчевска за читателите на НМД.
Потребни состојки: 2 јајца, 150 г шеќер (може и помалку), 100 г брашно, ½ кесичка прашок за печиво, 120 мл млеко, 60 мл масло, 3 јаболка, рендана кора од лимон, 100 г суво грозје, 100 мл вода и ливчиња бадем за декорација
Постапка: Сувото грозје попарете го со врела вода и кратко сварете го за да се рехидрира и да набубри. Тргнете го на страна една минута, па процедете го и оставете го да излади.
За тоа време јаболката измијте ги, излупете ги и исечкајте ги на коцкички. Во посебен сад јајцата изматете ги со маталка заедно со шеќерот. Додадете го маслото, кратко промешајте, а потоа додадете ги млекото и брашното помешано со прашок за печиво.
Изматете добро за да се соединат состојките, па кога ќе добиете хомогена смеса без грутчиња, додадете ја ренданата кора од лимон, сечканите јаболка и процеденото и изладено суво грозје.
Вака приготвената смеса излејте ја во калап со обрач 22 см, (обложен со хартија), рамномерно распоредете и израмнете, а одозгора наросете малку ливчина од бадем. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 40-50 минути.
Фотографии и рецепт на Рената Трајчевска