Многу сочен, брз и економичен колач, а сè што ви е потребно за да се направи секогаш го има во кујна. Повеќето Конго колачи се слични по составот, но едно е заедничко за сите, а тоа е сочноста и брзината со која се приготвуваат…
„Кај мајка ми во тефтерот беше запишан како „Конго торта“, но мислам дека сепак повеќе му одговара називот „колач“. Рецептот е стар триесеттина години. Многу едноставно се приготвува и многу е вкусен“ – Кристина Гашпар.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА БИСКВИТ: 150 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер, 3 жолчки, 150 г брашно, 1/2 кесичка прашок за печиво, 2 лажици какао во прав, 250 мл млеко, 100 мл масло. ЗА СЛОЈ ОД ЈАБОЛКА: 3 белки, 200 г шеќер, 3 јаболка (кисели). ЗА ГЛАЗУРА: 200 г чоколадо, 50 г путер/маргарин/масло, 150 г крупно мелени ореви
ПОСТАПКА ЗА ПРИГОТВУВАЊЕ НА БИСКВИТОТ: Одвојте ги жолчките од белките во посебни садови. Жолчките пенасто изматете ги со шеќерот додека тој да се растопи и да се добие густ, светол крем, па додајте го ванилиниот шеќер, маслото и млекото.
Кога ќе ги соедините течните состојки, матете со намалена брзина, па постепено додајте ги сувите состојки (150 г брашно, половина кесичка прашок за печиво и две лажици какао) просеани низ сито. Промешајте додека да добиете изедначена, хомогена смеса.
Плех со димензии 20х30 см намастете го и наросете го со брашно, па истресете го вишокот. Излејте ја смесата и распоредете ја еднакво, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 175 степени околу 15 минути.
Веднаш штом го ставите бисквитот да се пече, започнете со подготовка на филот. Пенасто изматете ги белките, па започнете постепено да го додавате шеќерот додека тој да се растопи и да добиете цврст снег кој не паѓа од лажица.
Додајте ги изренданите јаболка кои претходно сте ги излупиле и сте ги изрендале на крупно. Најдобро е да користите кисели јаболка бидејќи тие даваат освежителен вкус. Доколку користите некоја друга сорта, тогаш веднаш по рендањето наросете ги со неколку капки лимонов сок за да не потемнат.
Откако ќе ги додадете ренданите јаболка во снегот од белки, внимателно промешајте со шпатула, па кога ќе се изедначи, рамномерно распоредете го врз полупечениот бисквит. Вратете го колачот во рерна и допечете го уште 15-20-тина минути.
Изладениот колач прелијте го со глазура: чоколадото искршете го на коцки, додајте го путерот и растопете го во микробранова печка или на пареа/тивок оган, додека да се соедини. Одозгора наросете сечкани ореви по желба.
Совет: додека е врел колачот одозгора можете да го наросите со чоколадни снегулки, чоколадо во прав или чоколадна глазура. Ако користите чоколадна глазура, тогаш колачот почекајте да се олади пред да го глазирате. / Рецепт на Кристина Гашпар