Фото и рецепт: Даниела Китановиќ…„Младенчици“ – колачиња за младенци, рецепт за почетници

„Младенци“ е 22 март ден кој го празнуваат сите кои се венчале пред тој датум и секако после 22.03 од претходната година, а невестата треба да измеси вакви колачиња и тоа 40 парчиња.

Тие се премачкуваат со мед за да им биде животот сладок, се прават посни, доаѓаат од семејството и пријатели со подароци…

Потребни состојки:

-малку млака вода, 2 лажици шеќер, 25 г квасец и малку брашно за квасецот да се промеша и активира
200 мл газирана млака вода
70 мл масло
50 г или 5 лажици шеќер
1 лимон – сок и рендана кора
малку цимет по желба
650 г брашно +-
1 лажичка сол
За премачкување мед и ореви

Постапка:

1.Изронете го квасецот со малку шеќер, вода и брашно.

2.Додајте 200 мл газирана вода, 5 лажици шеќер, 70 мл масло и цело време мешајте со жица за матење. Додајте рендана кора и сок од еден лимон и едно мало лажиче цимет во прав.

3.Во оваа течна смеса постепено додавајте 650 г брашно и едно лажиче сол. Тестото треба да биде средно меко и да се двои од ѕидовите на садот.

4.Потоа префрлете го на работна набрашнета површина и убаво измесете го. Покријте го со проѕирна фолија и оставете го на топло да одмори и да го зголеми волуменот.

5.Потоа премесете го на набрашнета работна површина и развлечете го во кора.

6.Со чаша вадете тркалца и редете ги во плех обложен со хартија. Оставете ги 20 минути и избоцкајте ги (со гранче од рузмарин/босилек).

7.Печете ги во зависност од рерната околу 20 минути на 200 степени и уште 20 минути на 150 степени.

Печените колачи покријте ги со кеса и крпа за да омекнат. Додека се сѐ уште топли мачкајте ги одозгора со мед и валајте ги во мелени ореви.