Доколку сте љубители на кокосот и баунти чоколатцата, тогаш сигурно ќе ги обожавате овие домашно приготвени колачи кои се прават за помалку од 10 минути. Многу се вкусни и се топат во уста. Зошто да купувате баунти чоколатца кога секогаш можете да си ги направите и да ги имате дома. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 г кокосови снегулки/кокосово брашно и 200 мл кондензирано млеко (може да го набавите од сите поголеми супермаркети, а можете и сами да го приготвите според рецептот што ќе оставиме подолу. На крај ќе ви биде потребно само уште 20 г какао во прав (најдобро органско).
ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете го кокосовото брашно, па додајте го кондензираното млеко. промешајте со лажица или шпатула, но најдобро е да го измесите со раце за да ја почувствувате конзистенцијата под прсти: не треба да биде премногу суво и ронливо, ниту премногу влажно. Смесата треба лесно да се моделира со раце.
Потоа поделете ја смесата на два дела во однос 70:30. Извадете го поголемиот дел, а во помалиот дел додајте 20 г какао во прав, па убаво измесете го ова парче додека какаото рамномерно да се распореди и да добиете кафеава смеса.
Потоа врз мазна работна површина (може и врз хартија за печење) од кафеавата смеса формирајте валјак, па започнете да го ролате со помош на дланките додека да добиете тенок долгнавест валјак.
Белата смеса распоредете ја на работна површина врз парче проѕирна стреч-фолија, па со помош на рацете формирајте правоаголна кора која според должината ќе соодветствува на кафеавиот валјак.
Поставете го кафевиот валјак во средината од белата кора, па со помош на фолијата заролајте ја белата кора, така што ќе го опфати кафеавиот валјак од сите страни подеднакво. Валјакот завиткајте го како бонбона во фолијата, па уште малку валајте го.
Оставете го 2-3 часа во фрижидер да се олади и стегне. Потоа сечете на мали парчиња и дообликувајте ги со прстите за да бидат еднакви.
Секое валајте го кокосово брашно. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете ОВДЕ. А сега, еве го рецептот за домашно кондензирано млеко, за сите љубители кои сакаат сè да им е домашно:
Кондензирано млеко кое се приготвува за 5 минути, а по вкус потсетува на белиот еурокрем. Благодарение на овој едноставен и брз рецепт, повеќе не мора да се откажувате од слатките од кои устата ви се полни со вода од самата помисла на нив.
Инаку, кондензирано млеко се добива со испарување на водата од млекото така што треба да се вари долго време. Меутоа, постои засладено и незасладено кондензирано млеко, а во рецептите се користи засладено.
На крај треба да се добие густа леплива смеса, конзистенција слична како мед. За овој процес потребно е подолг период и многу мешање.
Но, за среќа имаме инстант верзија со која со сигурност ќе добиете одличен резултат, без ризик од промашување. За ова кондензирано млеко потребни ви се: блендер, путер, млеко во прав, шеќер во прав, зовриена вода и малку арома од ванила, по желба.
Сè се микса, се складира во тегла и се чува во фрижидер до една седмица. Со стоење целосно ќе се стврдне, па пред употреба малку загрејте го и ќе биде како тукушто направено.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 30 г путер, 60 г шеќер во прав, 200 г млеко во прав, 120 мл зовриена вода и 1 лажичка арома од ванила. ПОСТАПКА: Растопете го путерот и оставете го на страна.
Во блендер ставете шеќер во прав, млеко во прав, а потоа и растопениот путер, зовриената вода и арома од ванила, па едноставно измиксајте 2-3 минути додека да добиете фина компактна смеса.
Веднаш складирајте го во тегла доколку не планирате веднаш да го користите, оставете малку да подизлади, а потоа ставете го во фрижидер до употреба. Напомена: Ова кондензирано млеко воопшто не е преслатко, а по вкус доколку сакате може да ставите и повеќе шеќер. Но, вака е идеално. / Mуstiссakes.com